Нема крај на градежната експанзија, особено во главниот град. Држаниот завод за статистика објави дека во јуни се издале за 39% повеќе одобренија за градба споредено со истиот месец минатата година.
Од вкупно издадени 296 одобренија за градба, дури 200 се за објекти од високоградба. Ќе се изградат 754 нови станови, од кои третина, или 241 се во скопскиот регион.
Ваквиот податок не ги изненадува експертите, според кои паралелниот раст на станбените единици и на цената укажува на тоа дека побарувачката не стивнува, односно дека состојбата на пазарот не се стабилизира, туку продолжува да расте.
„Самиот процент за мене е многу висок. Сметам дека дури е загрижувачки од аспект на ова што го поставивте како подпрашање колку нашата држава, посебно Скопје може да дозволи да се гради, едноставно да се урбанизира, особено во нејзините централни градски подрачја.
Од друга страна, ако се погледне проблемот е разбирливо затоа што интересот на оние што градат е чисто да имаат профит, а општините исто така преку зафаќањето во делот на комуналиите на овие нови градби исто така имаат одреден интерес тој тренд да продолжи така. Она на што јас би сакал да апелирам е да водиме малку пошироко сметка за просторот во кој што живееме“, вели проф. д-р Јосиф Јосифовски, декан на Градежниот факултет во Скопје.
Деканот на Градежниот факултет е загрижен за квалитетот на просторот за живеење во услови на прекумерна бетонизација. Оттука, очекува поголема одговорност од општините, кои треба да бидат филтер при издавањето на тие одобренија за градба.
„Сметам дека кога се наплаќаат комуналиите треба да се води сметка и за други аспекти, да не бидат тие главно извор на приход за општините, туку самата основа на комуналиите да обезбедат услови за поквалитетни градби, а тоа во превод значи да имаме соодветна инфраструктура, тука мислам на соодветна сообраќајна инфраструктура, водоводна, канализациска, па и образовна структура во смисла на доволен број на градинки, училишта итн. Сметам дека тоа сè се става во некој втор план и дека профитот е чисто во некој прв план, а јавниот интерес помалку.
Цената ја плаќаме сите жители за таа прекумерна изградба, прекумерна урбанизација и сметам дека треба посериозно внимание да се посвети на тој проблем“, вели деканот Јосифовски.
Според Јосифовски, решението не е едноставно, но секако може да се реализира ако има доволно волја за тоа. Најдобро е да се обезбедат нови зони за урбанизација и ширење на Скопје со посебни урбанистички планови, налик своевремено на развојот на населбата Аеродром, во која што се испочитувани многу урбанистички принципи и квалитетот на живот и денес е подобар отколку во многу други населби во главниот град.
Мирјана Јовеска













