Три проценти ќе биде зголемувањето на септемвриските пензии, потврдија за Телма од ПИОМ. Покачувањето на пензиите овој пат ќе оди според законското решение и нема да има линеарно зголемување како што бараа дел од пензионерите. Конечниот износ односно висина на септемвриската пензија ќе биде индивидуална за секој пензионер во зависност од актуелните примања. Во Фондот веќе се вршат пресметките за новите износи, со цел исплатата да се подготви навреме.
Следното законско усогласување на пензиите ќе биде во март идната година.
Во изминатите две години пензиите беа линеарно покачени во четири наврати за вкупна сума од седум илјади денари. Минатата година Уставниот суд отвори постапка за оценка но во март 2026 ја запре бидејќи немаше мнозинство за одлука.
Во меѓувреме работната група составена од претставници на министерствата за социјална политика и за финансии, ПАПАС и ПИОМ ги составува законските измени со кои ќе се направи реформа на пензискиот систем во Македонија. Првата измена за која веќе е отворен патот е откупот на пензискиот стаж а се работи и на законски решенија за мулти фондови, начин на штедење и семејни пензии.
„Досегашниот систем на штедење во вториот и третиот пензиски столб да биде моделиран по принципот на други држави. Позитивни примери каде што овие мулти фондови ќе дозволат на генерациските осигуреници да штедат поризично или поконзерватвно како модел. Оние семејни пензии, кои ги примаат некои од луѓето во семејството, денес немаат право да работат, да може да ги ставиме и нив во системот да може семејната пензија која нивниот татко или мајка, кои за жал починале, да може да ја примаат до одреден број на години на старост“, вели Велковски министер за социјална политика, демографија и млади.
Вториот пензиски столб, исплатливоста и издржливоста исто така е предмет на анализа кај работната група која споредува искуства од повеќе држави од ЕУ каде што имало интервенции или реформи.
„Некои земји го напуштаат комплетно системот, бидејќи после извесен период констатирале дека приносите на пензиите не вродиле со добра динамика и не се задоволни тие што штеделе во него. Некои го рекомпонираат ,ставаат друга методологија на инвестиции и на штедење, на процентот кој се земам од првиот кон вториот столб. Некои го напуштиле системот и дозволиле луѓето доброволно да одлучат дали ќе бидат само во првиот систем“, истакнува министерот.
Какви мерки ќе има во врска со вториот пензиски столб Велковски најави дека соопштат во наредните месеци и додаде дека тврдењата на опозицијата дека ќе бидат на штета на граѓаните се неточни.
Огнен Чанчаревиќ













