Струјата и парното под ценовен притисок. На светските берзи се рушат рекорди. Движењата на меѓународните пазари, отвораат прашања и за домашните сметки, особено во екот на новата грејна сезона. Неизвесно е какви одлуки ќе се донесат и за новата цена на електричната енергија и за греењето. Компаниите за топлинска енергија повторно поднесоа барања до РКЕ за ново поскапување – тоа би било трето годинава. Надлежните пак чекаат да ги добијат анализи, па да видат дали и како ќе се делува.
Ќе видиме какви финансиски импликации ќе има ЕСМ има веќе преговори за подолгорочно и поконкурентно снабдување, односно да добие пониски цени, изјави министерката за енергетика Сања Божиновска
И додека на домашен терен се прават пресметки и калкулации, во Европа министрите за енергетика на состанок бараат решение за високите цени. Средбата доаѓа откако неколку европски лидери изразија загриженост поради зависноста на Европа од непредвидливиот увоз. За сега велат дека има доволно залихи но предупредуваат дека поради силниот притисок врз цените и оваа зима милион граѓани нема да можат да ги затоплат домовите.
Значи денеска имаме многу важен состанок каде меѓу другите работи, секако, ќе дискутираме за престојната зима. На многу европски граѓани ќе им биде тешко, тоа многу добро го знаеме. Во просечна година околу 50 милиони Европејци, за жал, не можат соодветно да ги затоплат своите домови поради високите цени на енергенсите во Европа. Оваа година, најверојатно тој број ќе биде поголем, изјави Ден Јоргенсен, еврокомесар за енергетика
Веќе втора недела со ред цената на нафтата е длабоко над 100 долари за барел. Околу 100 евра за мегават оди и онаа на гасот, а се забележува и скок и на цената на струјата на берзите.
ЕСМ веќе почна да ги сублимира трошоците и до средината на ноември ќе ги достави пресметките до Владата која потоа треба да одлучи дали сегашните 65 евра за мегават за домаќинствата ќе одат нагоре или ќе успеат да ја задржат истата цена.
Регулаторна пак треба да донесе нова цена за преносот и дистрибуцијата, но и да одлучи дали парното повторно ќе поскапи. Последно за ноември ЕСМ набавиле гас по цена од скоро 90 евра за мегават час, во летните месеци -во август овој износ беше околу 60 евра за мегава час.












