Дванаесет години се гради автопатот Кичево–Охрид, а проблемите со теренот се уште се решаваат во од. Свлечишта, нестабилнa и сложена подлога се дел од предизвиците. Кај селото Ботун сега се работи на стабилизацијата на косините. Длабоко под идната траса се поставуваат армирано-бетонски колови.
- Се влегува во земјата 7 до 11 ката надолу. Се спуштаат арматурни кафези – секој арматурен кафез тежи по 30 тони железо – и истите потоа се поливаат со бетон., вели министерот за транспорт и врски Александр Николоски.
Вакви решенија ќе има вкупно 250 на трасата, за што се извршени и нови геоистражувања.
- Дополнително се направени гео-истражувања во должина од 7 километри на околу 400 до 500 локации со различна длабочина, за да се види составот на земјиштето каков е долу во долниот дел, со цел да се види на кој начин и со која технологија ќе биде стабилизирано, рече Коце Трајанов, директор на ЈП ДП.
Покрај градежните, отворени се и еколошките прашања. Активистот Милан Алексоски вели дека со лошото планирање и недостиг на документација интервенциите по трасата предизвикуваат последици врз сливното подрачје на Треска и нејзиниот биодиверзитет.
- „Пореметувањето на геодиверзитетот на Бистра, Стогово и Илинска Планина по трасата на новиот автопат има силно негативно влијание врз биодиверзитетот на реката Треска и сите нејзини извори и притоки. Поморот на македонската автохтона пастрмка нека биде црве аларма за превенирање на катстрофалните последици кои допрва не очекуваат“, пишува Милан Алексоски на ФБ.
Министерот Николоски ги отфрла ваквите тврдења и вели дека поморот на рибата не е поврзан со изградбата на автопатот.
- Тоа не е поврзано со изградбата на автопатот. На ниту еден начин не е поврзано со изградбата на автопатот. Автопатот воопшто не е поврзан со изворите на Треска, рече Николоски.
Од првично предвидените 411 милиони евра, изградбата на автопатот Охрид Кичево во должина од 57 километри порасна на 744 милиони ерва или околу 13 милиони евра за километар. Досега се изградени 37 километри, а Николоски вели дека целата траса треба да биде пуштена во употреба во првата половина на 2027 година.
Емилија Мисирлиевски
Б.С.












