Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Се отвара ли нова врата за приватизација на државни компании – нов Закон за јавни претпријатија и трговски друштва во државна сопственост

/

Економија

Сподели преку :

Се отвара ли нова можност за продажба на државниот капитал? Институциите со препорака – приватизацијата не е секогаш решение за добро менаџирање. Новиот закон за јавни претпријатија и трговски друштва во државна сопственост донесен на крајот на јуни по брза постапка  отвори прашања и за начинот на кој државата ќе управува со своите компании и за иднината на нивните сопственост, но насобра и низа забелешки.

Од Институтот за демократија кој беше и дел од работната група за подготовка на законот предупредуваат дека е можно да се отвори простор за нов бран отуѓување на државниот капитал.

Меѓу клучните забелешки кои ги истакнаа се и начинот на кој се носат одлуките, за отуѓување, целосното исклучување на Собранието од процесот  но и независните институции – Државен завод за ревизија, Државна комисија за спречување на корупцијата.

Забележуваат и дека не е доволно уредена постапката за продажба и проценката на вредноста на државниот капитал.

Проценка прави „надлежното министерство или овластен државен орган“ т.е. истото тело што ја предлага одлуката. Нема овластен проценител, нема независна верификација на вредноста. Проценетата вредност беше еден од најголемите корупциски ризици во претходни приватизации и постои можност да се јави повторно, велат од Институт за демократија Социетас цивилис Скопје.

Од Институтот посочуваат и дека некои претпријатија и трговски друштва намерно работат на граница на рентабилност за да овозможат пристап за сите до јавните услуги, а кај други проблемот е партиско раководство, а не сопственоста. Посочуваат дека е потребна професионалност при избор на кадри, а не приватизација за да има квалитетен менаџмент и добро да работат.

Од друга страна од Министерството за економија и труд под чија надлежност е овој закон во одговор за Телма уверуваат дека со законот не се оди директно на продажба или отуѓување, без претходна целосна анализа.

Законот предвидува внатрешни ревизии и контроли на работењето и управувањето и покрај можноста од надворешна ревизија  од ДЗР, а за  членовите на надзорните и управните органи  се поставуваат високи стручни критериуми ,високо образование, најмалку пет години работно искуство по завршувањето на високото образование, стручно знаење, вештини и искуство неопходни за независен и самостоен надзор. Со ова се обезбедува  можноста за управувачките структури да бидат составени од квалификувани професионалци, а не од политички номинирани лица, велат од министерството за труд.

Додаваат и дека законот е дел од реформската агенда и неговата примена е одложена за една година односно од идното лето. Во меѓувреме јавните претпријатија  и трговски друштва во државна сопственост се соочуваат со низа финансиски проблеми.

Меѓу оние кои се најпроблематични се Железничките, Пошта, а веќе извесен период на листата со лоши финансиски резултати е и најголемиот производител со струја ЕСМ.

За време и на претходната влада се споменуваше приватизација на некои од нив. Па останува да се види со новото како ќе се решат нивните проблеми и дали ќе има такви кои ќе ја сменат сопственоста.

Ирена Чачкова