И покрај редовните покачувања на пензиите предвидени со закон, примањата на дури третина од пензионерите во Македонија се скромни и затоа државата треба да најде начин да им помогне на тие со најниски пензии, сметаат од Сојузот на здруженија на пензионери. Податоците покажуваат дека околу 93.000 од вкупно 253.000 пензионери земаат помалку од 24.000 денари, а просечната пензија во јуни изнесува 28.103 денари.
- „Значајно за пензионерите, особено за пензионерите со пониски пензиски примања се и мерки надвор од пензискиот систем, а тоа значи дека може да се даде и одредена помош на пензионерите со пониски пензии бидејќи во моментот таа бројка актуелна изнесува 93.000 корисници на пензија, што сепак како податок во вкупната структура на пензионери не е за занемарување“, вели Станка Трајкова, претседателка на Сојуз на здруженија на пензионери на Македонија.
Премиерот вчера рече дека следното редовно усогласување за септемвриската пензија ќе се врши процентуално, како што предвидува законот, а не како што се правеше во последните две години линеарно, кога во тек на четири усогласувања сите пензионери добија подеднакво покачување од вкупно 7.000 денари.
Пензионерите бараат со претстојните законски измени да се интервенира во термините за усогласување на пензиите.
- „Да, пензиите да се усогласуваат два пати во годината, но од 1 јануари и од 1 јули, а не како што е сега од 1 март и од 1 септември бидејќи на овој начин се кратат усогласувања тековно за четири месеци во годината и да бидам пак конкретна, тоа е за јануари, февруари, јули и август. А, пензиите треба да се усогласуваат и тековното усогласување да си го остварат пензионерите за цели 12 месеци“, вели Станка Трајкова, претседателка на Сојуз на здруженија на пензионери на Македонија.
Усогласувањето на пензиите се врши според комбиниран модел со кој што процентот на зголемување се добива со збир на два компоненти: 50% од порастот на трошоците на живот во претходното полугодие и 50% од порастот на просечната плата во истиот период. Според податоците, се очекува овој пат пензиите да се зголемат за околу 3%, а тоа значи дека колку е поголема пензијата, толку ќе биде поголемо и покачувањето.
Мирјана Јовеска
Б.С.













