Народната банка редовно спроведува супервизорски активности над сите банки во Република Северна Македонија и постапува во согласност со своите законски надлежности. Во однос на актуелните медиумски наводи за трансфер на парични средства од Србија кон странство, информираме дека Народната банка на Србија веќе излезе со официјално соопштение, велат во Народната банка на Македонија, по наводите дека по изборите во Србија, капитал од земјата почнал да се испумпува на сметки во Русија и во Македонија.
„Народната банка на Република Северна Македонија продолжува со редовното следење на работењето на банките и, во рамките на своите надлежности, ги презема соодветните активности врз основа на расположливите информации и податоци“, велат од Народна Банка.
Ден по изборите, на кои Српската напредна партија на Александар Вучиќ ја изгуби власта, една банка од Србија почна да префрла пари на сметки во Русија и во Македонија, каде што таа банка, односно луѓе поврзани со неа, имаат сопственички удели, објави српскиот адвокат Иван Ниниќ.
Тој објави документ од наводен инсајдер кој бара вонредна контрола и привремена забрана за располагање со парите во банката чие име не се споменува.
„Сербиан тајмс“ потоа објави дека Алта банка од Белград, од сметките на луѓе и фирми во Србија, блиски до режимот на Вучиќ, почнала да префрла големи суми пари на сметки во странство – во Русија и во Македонија.
Српската Алта банка во Македонија купи над 95 отсто од акциите во Стопанска банка Битола, која сега се вика Алта банка АД Битола.
СДСМ побара итна истрага дали во Македонија доаѓаат црните пари од режимот на Вучиќ. Го повикаа и Јавното обвинителство и гувернерот на Народната банка Трајко Славески да одговорат што ќе преземат.
„Дали ова значи дека црните пари, криминалните пари, на соборениот режим на Вучиќ и СНП, сестринската партија на ВМРО во Србија, се префрлаат во Македонија? – Јавното обвинителство мора веднаш да постапи, да отвори истрага, да се утврди потеклото на парите и да се спречат сите можни злоупотреби во Македонија“, вели Богданка Кузеска од СДСМ.
Народната банка на Србија претходно реагира дека ширењето непроверени тврдења не придонесува до објективното информирање.
„Народната банка на Србија истакнува дека трансферите на парични средства на финансиските институции се обавуваат преку редовните канали на платниот промет, во согласност со важечките прописи и утврдени процедури. Народната банка на Србија континуирано врши надзор и контрола на работењето на сите банки со цел зачувување на финансискиот систем“, соопшти Народната банка на Србија.
Дел од кандидатите на Студентската листа, која победи на изборите во Србија, предупредуваа на опасност од извлекувањето на капиталот надвор од земјата.
Срѓан Стојанчов












