Анализираме цени од исти маркети, а владата пресметува пониски месечни трошоци и тоа за скоро 200 евра. Синдикатите со коментари по завршувањето на Eкономско-социјалниот совет на кој точка за дискусија беше владината кошничка која од скоро почна да се објавува. Сметаат дека главната обврска на државата е да носи мерки и да го зачува животниот стандард на граѓаните, а не да нè убедува дека во месецот ни требаат помалку пари и колку треба да трошиме.
„Најверојатно голем дел од ставките кои што ги имаме ние во кошничката, они ги немаат. Храна и пијалаци, нашата е 26.000 денари, кај нив е 20.000 денари, а повторно ги гледаме цените од истите маркети. Може сметаат дека со многу помалку храна, македонскиот работник може да го помине денот или членовите на нивното семејство. Така што она што ние го гледаме добиваме коментари дека ни со 70.000 денари не се живее месецов, а не со 58.000 денари“, изјави Иван Пешевски од ССМ.
Инфлацијата забрза, цените на енергенсите растат. Дел од бизнисмените изјавија дека поскапување ќе има, но секоја компанијата сама ќе носи одлука. Од друга страна од владата повторно пресметаа пониски месечни трошоци од оние на ССМ. Анализата покажува дека на двајца вработени во едно четиричлено семејство им се доволно по 29.000 денари за да ги покријат просечните трошоци во месецот. Измерија септемвриска кошничка од нешто над 58.000 денари или минатиот месец семејниот буџет бил полесен за нешто над 350 денари.
„Да направиме една разлика дека ова не е минимална кошничка, туку е просечна потрошувачка кошничка ако одиме со тоа на прашањето што се поставува треба да ги гледаме и двете просечни плати на едно четиричлено семејство“, рече Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.
Како точка на дневен ред беа ставени и неработните денови и празниците, но не се дискутирало затоа што предлогот на Стопанската комора во овој дел да има измени сè уште не е доставен до Владата. Од Комората излегоа со предлог да се намали бројот на неработни денови и да нема префрлање на празникот ако паѓа во недела, што наиде на низа реакции во јавноста.
Ирена Чачкова












