Пензиските пари на помладите вработени ќе може да се инвестираат поризично заради зголемување на приносите. Законот за мултифондови, кој се најавуваше како решение на ниските приноси во вториот задолжителен пензиски столб, стигна во Собранието. Наместо исти критериуми за инвестирање на парите на сите пензиски осигуреници, предложените измени предвидуваат уплатените пари за пензиско на помладите осигуреници да може да се инвестираат поризично заради повисок принос, додека пензиските заштеди на луѓето пред пензија ќе бидат инвестирани конзервативно, со мал ризик и мал принос со цел заштита на дотогаш стекнатото.
Измените на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување предвидуваат три различни портфолија за инвестирање на парите од вториот столб: растечко, балансирано и конзервативно, за разлика од досега кога има исти критериуми за сите вработени.
„Осигуреник на возраст до 45 години на живот може да избере растечко или балансирано портфолио; осигуреник на возраст од 45 години до 57 години на живот може да избере растечко, балансирано или конзервативно портфолио и осигуреник на возраст над 57 години на живот може да избере балансирано или конзервативно портфолио“, предвидуваат предложените измени.
Сегашниот закон на пример предвидува во странски акции да може да се вложат најмногу до 30 отсто од парите. Со измените, растечкото портфолио предвидува во акции во странство да може да се вложат до 60 отсто од парите, во балансираното до 45 отсто, а во конзервативното до 15 отсто. Во домашни акции сега може да се вложат до 30 отсто, а сега ќе може 40, 30 и 10 отсто, во зависност од портфолиото.
Во вториот пензиски столб има над 3,5 милијарди евра на над 643.000 членови. Годишниот принос е околу 5,5 отсто годишно, што ја доведува во прашање висината на идните пензии. Приватните пензиски друштва бараа воведување мултифондови, со кои очекуваат приносите да се зголемат за меѓу 1,5 и 3 процентни поени. Дел од економистите, сепак, велат дека на воведувањето на мултифондови не може да се гледа како на магично стапче кое ќе ги реши проблемите на пензискиот систем.
Вториот пензиски фонд се воведе во 2006 година, а целта беше дел од парите на вработените кои се задржуваат за пензиско осигурување да се инвестираат и оплодуваат со тек на време. Две третини од уплатените пари за пензиско одат во државниот ПИОМ, а само една третина во вториот столб.
Срѓан Стојанчов












