Неизвесно е дали цената на струјата од први јануари ќе остане иста. Премиерот Мицкоски повторно кажа дека се прави обид, да нема нагорна корекција со оглед на глобалните случувања кои ги поместија берзите. Но, она што барем за сега се знае е дека нема да се оди со понуда под 65 евра за мегават час, цена по која ЕСМ во моментов ја продава својата електрична енергија за домаќинствата.
Во овие услови како што се и денеска на берзите и 65 е три пати пониска од таа што ја плаќаат во соседството и граѓаните во Европа. Ќе се бориме да остане истата цена за граѓаните, изјави премиерот Христијан Мицкоски
Од ЕСМ пак за Телма соопштија дека поради регулираната цена годините ги завршува во минус. Надежите се дека со новите одлуки, во 2027 година ќе испорачаат подобри резултати.
Според, одлуката донесена во мај, согласно утврдените услови во реформската агенда , ЕСМ следната година ќе понуди не повеќе од 70 отсто од својата струја по регулирана цена, а останатите околу 30 проценти да ги продава по комерцијални цени. Со ваквиот микс се очекува 2027 година, компанијата да не ја заврши во негатива, велат од ЕСМ
Во меѓувреме до Регулаторната комисија пристигнаа пресметките од останатите енергетски компании кои учествуваат со над 30 отсто во крајната цена на струјата за домаќинствата.
Од она што сега го има на располагање, може да се види дека МЕМО нема да бара корекција, од МЕПСО соопштија дека во средата ќе ги достават бројките, и за сега нема податоци дали бараат поскапување на преносот. Од Електродистрибуција пак исто немаат наведено дали и каква корекција бараат за цената на дистрибуцијата, со образложение дека се уште не е завршен повикот преку кој треба да обезбедат струја за покривање на загубите.
Доколку набавната цена на електричната енергија остане приближно на минатогодишното ниво, очекуваме тарифата за дистрибуција да остане стабилна, стои во дописот од Електродистрибуција
Кога ќе се испорача новата цена за струјата од ЕСМ и кога РКЕ ќе донесе одлука за преносот и дистрибуцијата, ќе се скрои нова цена на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, која ќе важи од први јануари.
Но, какви ќе бидат сметките најмногу зависеше од тоа по која цена ЕСМ на ЕВН ХОУМ ќе им ја продава произведената струја. Во меѓувреме на берзите расте и цената на гасот, на нафтата, а скок се забележува и кај онаа на електричната енергија.
Ирена Чачкова












