Жените сочинуваат 57,5 проценти од вработените во јавниот сектор, но нивната застапеност на највисоките позиции на одлучување е значително помала.
Според ревизијата на Државниот завод за ревизија, во 2024 година жените претставувале 39,2 проценти од пратеничките места, додека во Владата учествувале со само 15 проценти – три од вкупно 20 министри.
Ревизијата, која го опфати периодот од 2020 до 2024 година, утврди дека не се воспоставени доволно ефективни политики и механизми за унапредување на жените на лидерски и раководни позиции.
Од 58 лица именувани на лидерски позиции од Собранието, само 16 биле жени, а од 1991 година досега ниту една жена не била избрана за претседател на Собранието.
Државниот завод за ревизија посочува и на нетранспарентни постапки при дел од именувањата, недостиг од конкретни мерки за родова еднаквост и влијанието на говорот на омраза, особено на интернет.
До институциите и политичките партии се дадени препораки за еднаков пристап до раководните функции, мерливи политики, развој на лидерските капацитети на жените и создавање посигурна средина за нивно учество во јавниот и политичкиот живот.












