Физиотерапевтот загина, а најмалку 10 фудбалери се повредени во тешката сообраќајна несреќа во која учествуваше комбе со вториот тим на Динамо Букурешт. Возилото, под неразјаснети околности, излетало од патот и удрило во дрво. Првичните информации говорат за повредени и еден смртен случај.
До несреќата, како што пренесуваат романските медиуми, дошло кога 83-годишниот возач на комбето со фудбалерите доживеал инфаркт по што загубил контрола врз возилото.
Во комбето во моментот на несреќата се наоѓале 16 лица. Повредените се веднаш згрижени во медицинските установи.
По несреќата се огласи и раководството на Динамо Букурешт.
„Вториот тим на нашиот клуб, кој одел кон кампот во Кампулунг, доживеа несреќа на пат на тренинг. Возачот на минибусот изгубил контрола врз возилото, излетал од патот и удрил во дрво. Врз основа на информациите што ги имаме, шоферот доживеал срцев удар додека возел, што довело до губење на контролата. За жал, господинот Константин Ковачи, дел од медицинскиот тим, загина како резултат на несреќата“, се наведува во соопштението на Динамо Букурешт.
Член на првиот тим на Динамо Букурешт од оваа сезона е и Имран Фетаи, кој има три настапи за македонската фудбалска репрезентација. Пред потписот со романскиот прволигаш, Фетаи играше за тетовска Шкендија, за Беса од Гостивар, а настапуваше и како позајмен фудбалер во Тиквеш и во екипата на Аполонија во албанскиот шампионат.
С.Д.












