Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

(Фото) Десет момчиња и две девојчиња од Македонија, Србија и Австрија на првото издание на шаховскиот турнир „Прилеп Јуниор 2026“

/

Вести

Сподели преку :

Шаховскиот клуб Прилеп е организатор на првото издание на турнир во јуниорска конкуренција кој има меѓународен карактер. Партиите се играат во кино салата „Мис Стон“ во прилепскиот Дом на културата.

На „Прилеп јуниор 2026“ учествуваат 12 шахисти од Македонија, од Србија и од Австрија од кои 10 се момчиња и две се девојчиња. Според организаторите, нема изразит фаворит, бидејќи, како што велат, квалитетот е многу висок и изедначен.

„Се очекуваат интересни мечеви за секој поен, бидејќи турнирот се рангира на светската шаховска федерација ФИДЕ. Се надеваме дека по овој турнир ќе се зголеми интересот за шахот во Прилеп и во Македонија. Сè на сè, еден квалитетен шаховски настан, за кој искрено се надеваме дека од година во година ќе расте и ќе станува се подобар и подобар“, порачуваат организаторите.

Шаховскиот клуб Прилеп важи за еден од најдобрите во државата и заедно со Алкалоид се единствени со две прволигашки екипи (машка и женска конкуренција) на претстојното државно првенство во Струга.

Прилепскиот клуб настапи на Купот на Европски шампиони во 2021 година. Дел од тимот беше индискиот велемајстор и актуелен светски првак Домарају Гукеш кој, играјќи за Прилеп, го освои златниот медал како најдобар играч на турнирот.

Оваа година, доколку се обезбедат минимални финансиски средства, шаховскиот клуб Прилеп повторно ќе учествува на Купот на европски шампиони во Херцег Нови, Црна Гора, најавуваат од ШК Прилеп.