Светската здравствена организација предупреди дека Ковид-19 се шири со алармантно висока брзина во делови на северната хемисфера, неколку месеци пред зимската сезона на грип.
Почнуваме да гледаме вознемирувачки трендови во некои држави. Гледаме зголемување на бројот на луѓе примени во болници, оние кои се примени на интензивна нега, особено во Шпанија, Франција, Црна Гора, Украина и некои држави во САД. Ова е загрижувачки бидејќи сезоната на грип се уште не е почната. Во неколку земји, расте бројот на примени лица во болница на возраст меѓу 15 и 49 години заразени со Ковид-19, изјави Марија ван Керхов, водечки технички експерт за Ковид-19 при СЗО, на презентацијата преку социјалните мрежи.
Велика Британија регистрираше речиси 4.000 новопотврдени случаи на инфекција со коронавирусот, најмногу во еден ден од мај, и поради тоа расте загриженоста дека земјата е на раб на второт бран на епидемијата.
Мајк Рајан, раководител на програмата за итни случаи на Светската здравствена организација, ги советуваше луѓето со висок ризик да заболат од Ковид-19, да се вакцинираат против грип.
Директорот на Американскиот центар за контрола и превенција на болести, Роберт Редфилд од друга страна рече дека носењето заштитни маски може да обезбеди подобра заштита од Ковид-19 отколку вакцините.
Можеби би отишол дотаму да кажам дека оваа маска ќе ми гарантира поголема заштита од коронавирусот отколку ако би биле вакцинирани против Ковид, бидејќи имуногеноста би била 70 проценти, и ако не добијам имунолошка реакција, вакцината нема да ме заштити. Оваа маска ќе ме заштити, нагласи Редфилд во Сенатот, пренесе Си-Ен-Ен.
Тој додаде дека американските граѓани се уште не носат маски на ниво што ефикасно би ја ставило епидемијата под контрола.