ЕУ и САД најавуваат единствен одговор по како што велат „саботажата“ во протокот на руски гас преку Балтичкото море до Германија. „Секое намерно кршење на европската енергетска инфраструктура е целосно неприфатливо и ќе наиде на силен и единствен одговор“, реагираше шефот на европската диплоиматија, Жозеп Борел.
По разговорот со данкста премиерка Мете Фредериксен шефицата на Европската комисија Фон дер Лајен на Твитер напиша „Најважно е да се истражат инцидентите. Секое намерно нарушување на активната енергетска инфраструктура во Европа е неприфатливо и ќе резултира со најсилен можен одговор“. Дали е напад или саботажа се уште се истражува, вели државниот секретар на САД, Блинкен.
- Протекувањето е под истрага. Нивните првични извештаи кои укажуваат дека ова може да е резултат на напад или некаков вид саботажа. Но, ова се првични извештаи и ние сè уште не сме го потврдиле тоа- Антони Блинкен, државен секретар на САД.
Во околината на данскиот остров Борнхолм, меѓу југот на Шведска и Полска, забележани се три места каде што истекува гасот, а меурите биле видливи на површина со пречник од 200 метри до еден километар, соопшти данската армија.
- Се разбира, кога три истекувања на два гасоводи се случуваат во рок од 24 часа, тоа е чудно. И толку е чудно што ќе се запрашате – дали ова може да биде саботажа?- Андерс Пак Нилсен, истражувач, Кралскиот дански колеџ за одбрана.
Огромни количини природен гас во форма на меури излегоа на површината на Балтичкото Море. Сеизмолозите во Данска, Норвешка и Финска кои ги детектираа потресите од 2,3 степени по Рихтер, тврдат дека станува збор за екплозија блиску до дното.
- Значи, многу добро знаеме како изгледа подводна експлозија. И така, во овој случај, нема сомнеж дека ова не е земјотрес. Ова е експлозија што се случува во водениот столб или блиску до дното- Бјорн Лунд, сеизмолог, Универзитетот во Упсала.
Во истовреме норвешката влада ја информирала данската премиерка за зголемена активност на беспилотни летала во Северното Море.
– Имаме наши информации, но ги забележавме и информациите од нашите контакти со Данска и врз основа на тоа дојдовме до заклучок дека ова е веројатно намерен чин. Веројатно се работи за саботажа. Норвешката влада не информираше и за зголемена активност на беспилотни летала во Северното Море и мерките што ги презеде во врска со тоа и важно е да се истакне дека овие експлозии не се случиле во шведските или данските територијални води – Магдалена Андерсон, вршител на должноста премиер на Шведска.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки укажува на руската вмешаност. „Јасно е дека станува збор за саботажа, која најверојатно ја најавува следната фаза на ескалација на ситуацијата во Украина“, рече тој.
Лидерите на Полска и Данска вчера го отворија Балтичкиот долгоочекуван гасовод што ќе донесе норвешки гас во Европа во напорите да се зајакне енергетската независност од Москва. Лансирањето се случи на гасната компресорска станица во Голениов, северозападна Полска.
Но, во централна Европа, каде недовербата кон Русија е висока, имаше стравувања дека Москва ја саботираше сопствената инфраструктура за да сигнализира дека сите гасоводи се ранливи на напади.
Планот е од први октомври норвешкиот гас да почне да тече низ Данска до Полска долж Балтичкото Море.
Билјана Ставрова












