Членот на партијата и поранешен министер за внатрешни работи Оливер Андонов вчера на прес-конференција пред партиското седиште истакна дека Мицкоски е политички потрошен и треба да си замине од лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, пак, изјави дека од неговиот избор за прв човек на опозициската партија се бара негово менување, а партијата, вели, станува се појака и пообединета. Тој не сакаше да го коментира барањето на Андонов и други членови на партијата, за негова смена.
Не можам да кажам дека во ВМРО-ДПМНЕ има фракции. Инаку, мене такви луѓе четири и пол години ме менуваат, а ВМРО-ДПМНЕ е се појако, пообединето, посплотено. Така ќе биде и на следните предвремени парламентарни избори со рекордна победа, со мнозинство во Парламентот. За него немам што да го губам вашето време да го коментирам, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за барањето за негово менување од Андонов и Фракцијата за демократско ревитализирање на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој кажа дека ќе продолжи да ја урива оваа Влада се до организирање предвремени парламентарни избори.
Мицкоски веќе петта година ја предводи опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Беше избран за претседател на партијата во 2017 година, а на лидерската позиција е реизбран во 2021 година. Мандатот на претседателот на партијата согласно партискиот Статут е четири години, а се избира од страна на Конгресот на партијата.













