Бугарското Народно собрание ѝ изгласа недоверба на владата на Кирил Петков. За гласаа 123 пратеници, сите 59 претставници од ГЕРБ – СДС, 34-те пратеници на Движењето за права и слободи, сите 19 пратеници на Има таков народ, заедно и со одметнатите шестмина, и 12-те пратеници на Преродба. Против гласаа само пратениците од владејачкото мнозинство и шестмината независни пратеници.
Веднаш по гласањето збор побара Петков, и најави дека неговата партија ќе ја продолжи борбата за ослободување на државата од мафијата.
Ми беше чест да водам влада која што беше симната од г-дин Пеевски, од Г-дин Борисов, од Слави Трифонов и од г-ѓа Митрофанова. Тоа што јасно сакам да го изјавам е дека ова гласање беше само еден мал чекор од еден многу долг пат. Тоа што тие не го сфатија е дека така не можат да го придобијат бугарскито народ. Ветуваме дека ние ќе ја продолжиме оваа битка за ослободување на државата, и еден ден ќе имаме Бугарија без задкулисни договори, без мафија, една нормална, успешна, европска држава, порача Петков.
Барањето за гласање недоверба беше поднесено од ГЕРБ, поради економските неуспеси на владата, но и владиното тактизирање со ветото за Македонија и францускиот предлог.
Со своето недејствување и со лагите Кирил Петков ги измами Брисел, Вашингтон, Скопје, дека ќе го реши македонското прашање. Тој не само што не ги реши спшорните прашања, туку ги продлабочи. Ги раскара граѓаните од двете страни на границата едни против други. Но, најмногу од се, го загрози заштитувањето на бугарските национални интереси, изјави десислава атанасова.
Пратеничката од ГЕРБ, Десислава Атанасова, објави дека нејзината партија веќе подготвила предлог одлука за усвојување на преговарачката рамка, бидејќи францускиот предлог го опфаќа сите бугарски барања и Софија не смее да го испушти овој историски момент.
Но, и ДПС на Мустафа Карадај поднесе предлог до собранието да се одобри францускиот предлог и да се одобри почеток на преговори за Македоија и Алабаниј.
По изгласувањето на недоверба Уставот на Бугарија дозволува да се направат уште три обиди за формирање на кабинет во рамките на истиот состав на Народното собрание. Првиот мандат повторно ќе го добие најголемата група – „Продолжуваме со промената “, доколку тие не успеат, обид да формираат влада ќе направат ГЕРБ-СДС, а третиот ќе биде доделен на една од другите групи избрани од претседателот на државата. Ако и тогаш не се избере кабинет, шефот на државата назначува преодна влада, го распушта Националното собрание и закажува избори.
Падот на Владата на Петков е кулминација на политичката криза во Бугарија откако партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов ја напушти владината коалиција на 8 јуни, тврдејќи дека Петков води паралелна надворешна политика од официјалната предводена од министерката за надворешни работи Теодора Генчовска.
Владата на Петков, беше избрана на 13 декември 2021 година, по одржани три циклуси на предвремени парламентарни избори во земјата.
Игор Трајков
