Советниците на американската Администрација за храна и лекови (ФДА) едногласно препорачаа агенцијата да дозволи употреба на вакцините Модерна и Фајзер/Бионтек против Ковид-19 за милиони мали деца во Соединетите држави, објавија новинските агенции. Подготовката на „Модерна“ е за деца на возраст од 6 месеци до 5 години, а на „Фајзер/Бионтек“ – од 6 месеци до 4 години. Според експертите, ова е важен чекор кон можноста за имунизација на деца до пет години, за кои досега не е понудена вакцина против новиот коронавирус во САД. Станува збор за 18 милиони деца.
Се очекува агенцијата наскоро да одобри воведување вакцини против Ковид за најмладите. Американските центри за контрола и превенција на болести потоа ќе дадат препораки за употреба на лековите во оваа возрасна група. Доколку целиот процес на регулација се одвива без проблеми, првите дози ќе бидат достапни следната недела.
Во САД, многу родители сакаат да ги вакцинираат своите деца, но не е јасно колкав интерес ќе има за овие вакцини. Фајзер/Бионтек беше одобрен во октомври за деца на возраст од 5 до 11 години, но само 29 отсто од децата во оваа група се целосно вакцинирани против Ковид, пренесува Ројтерс.