Венецуелскиот претседател Николас Мадуро денеска пристигна во Катар како дел од турнејата по Блискиот Исток, јави Асошиетед прес.
Според катарската државна новинска агенција, Мадуро на меѓународниот аеродром во Доха го пречекал министерот за надворешни работи на Катар Султан бин Саад ал Мураихи. Мадуро патува со својата сопруга Селија Флорес и други венецуелски функционери. Немаше други непосредни информации за агендата на Мадуро за време на неговиот престој во Катар, кој е главен снабдувач на природен гас и домаќин на претстојното Светско првенство во фудбал во 2022 година.
Посетата на Мадуро доаѓа откако тој беше во Техеран, Иран, на средби во текот на викендот, вклучително и со врховниот водач, ајатолахот Али Хамнеи. Потоа, во понеделникот, Мадуро отиде во малата земја богата со нафта Кувајт. Мадуро е на турнеја во Евроазија откако претседателот Џо Бајден одлучи да не го покани на самитот на Северна и Јужна Америка, кој започна во четвртокот. Неговите претходни постојки беа Алжир и Турција.
