Руската војска продолжува со нападите на „широк фронт“ во Украина, вклучително и напади во близина на Киев и на истокот на земјата каде што нејзините сили напредуваа, соопшти денеска московското Министерство за одбрана.
Во близина на главниот град Киев, уништени се воздухопловната база Василков и извидувачкиот центар на украинската воена разузнавачка служба во Бровари, изјави портпаролот на министерството Игор Конашенков.
Според Русија, сопствените трупи и сепаратистичките сили од Луганск и Доњецк повторно зазеле бројни населби во источна Украина. Единиците на Доњецката „Народна милиција“ напредувале уште девет километри, руските вооружени сили вкупно 21 километар, а групите на „Народна република Луганск“ шест километри. Ниту една од овие бројки не може да се потврди независно.
На почетокот на војната на 24 февруари, сепаратистите имаа околу 30 отсто од регионите Луганск и Доњецк под своја контрола. Сега, според украинските податоци, 70 отсто од регионот Луганск е под контрола на сепаратистите.