Дадов се од себе за да се најде дипломатско решение за хуманитарната катастрофа што се случува во опколените градови во Украина, вели украинскиот министер за надворешни, по средбата со неговиот руски колега.
„Го покренавме прашањето за прекин на огнот. 24-часовно примирје за да се решат најитните хуманитарните прашања.Не постигнавме напредок. Изгледа дека во Русија, други ги носат одлуките за ова прашање“, изјави Дмитро Кулеба.
Рускиот министер за надворешни Сергеј Лавров ги повтори цврстите позиции на Москва, велејќи дека отворањето на безбедносни коридори зависи од ситуацијата на теренот.
И додека двајцата министри потврдуваат дека остануваат отворени за преговори, впечатоците на двете земји остануваат спротивставени.
„Мој впечаток е дека Русија не е во позиција да воспостави примирје. Бараат Украина да се предаде. Тоа нема да го добијат. Украина е силна. Украина се бори. Украина направи почетните планови на Русија да не успеат. Подготвени сме да бараме балансирано дипломатско решение да ставиме крај на оваа војна, но нема да се предадеме“ – изјави шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба.
„Денеска потврдивме дека претседателот Путин не ја отфрла средбата со претседателот Зеленски. Веројатно, тоа ќе се случи, но за ова треба да преземеме подготвителна работа во белоруски формат“ – вели Лавров.
Двајцата министри се сретнаа во Анталија, на маргините на дипломатскиот форум, со посредство на турскиот министер за надворешни, Мевљут Чавушоглу.
„Впрочем, оваа средба е прва средба на ниво на министри за надворешни работи по почетокот на конфликтот. Од друга страна, секако, не треба да се очекуваат чуда од средбата. Сепак, оваа средба на политичко ниво е важен почеток“ – оцени Чавушоглу.
Турција, која е членка на НАТО, и има блиски врски и со Русија и со Украина, се обидува да ги балансира односите меѓу двете земји.
Таа се позиционираше како неутрална страна, во обид да ги олесни руско-украинските преговори.
Марија Дивитарова
