Трговците со деривати со жестока реакција по одлуката на Регулаторна да ја скрати маржата за една третина во обид да балансира со цената на горивата. Тие преудпредуваат дека веќе работат со загуби а кратењето на маржата за една третина и поставување на историски најниска граница може да предизвика криза во снабдувањето со нафта и нафтени деривати.
Од „Макпетрол“ соопштија дека со намалувањето на маржи трговците може да бидат принудени да ги затворат пумпите а мерката која ја оценија како популистичка е неодржлива и може да создаде дополнителна паника меѓу граѓаните, зголемена побарувачка и недостиг на гориво.
„Ваквите мерки, се несоодветни на глобалната криза од која што особено се зафатени компаниите што се занимаваат со снабдување гориво. Овој сектор изминативе недели веќе работи со загуба поради несоодветната методологија за пресметка, што доведува набавните цени да се повисоки од постоечката малопродажна. Со дополнителното намалување на маржите, загубите ќе бидат огромни. Укажуваме дека тоа може да принуди одредени трговци да престанат да продаваат гориво, а тоа е опција која што и „Макпетрол“ сериозно ја разгледува“ – реагираат од Макпетрол.
Од асоцијацијата на приватни бензински пумпи предупредуваат дека веќе работат со загуби а со кратењето на маржата се доведува во прашање и нивниот опстанок на пазарот.
„Намалувањето на маржата кај сите бензински пумпи во Македонија ќе се одрази негативно. Во 1999 година горивото беше 29 денари за дизел а маржата беше 3 денари 20 пари. денеска горивото е 94 денари а маржата денар и пол. Ваквото драстично намалуување на маржата ќе влијае буквално на сите. Нормално е дека не може да набавиме гориво со вакви маржи. Цела недела работиме во загуби. Полош период никогаш немало“ изјави Ѓорги Хубрев, претседател на асоцијација на приватни бензински пумпи
Од Регулаторна соопштија дека маржата ќе биде вратена во моментот кога пакетот мерки ќе мине во Собранието.
Сепак останува нејасен ставот на регулаторите во однос на маржата за трговците бидејќи наведоа две можности кога би се сменила висината на маржата – кога ќе се сменат законите и во корелација со цената на светските берзи.
„Маржата на трговците со нафтени деривати е намалена на 3 денари, бидејќи вчерашните анализи покажаа дека бензините требаше да поскапат за 5,5 денари а дизелот за 10,5 денари. Затоа, оваа мерка е привремена и ќе им ја вратиме маржата штом бидат донесени законите за намалување на ддв и за акциза кај нафтените деривати а секако ќе зависи и од движењето на цените на светските берзи. Ова е за краток период и бараме разбирање од сите“ – соопштија од РКЕ.
Министерот за економија повика на солидарност и побара од трговцирте да се откажат од нивните приходи ако се минимални.
„Не сакам трговците да прват загуби, но секако дека треба да имаме солидарност и да не прават големи профити во ваква криза. Државата ќе се откаже од одредени приходи проектирани во буџетот а тоа се пари на граѓаните и секако дека и трговците на големо и мало би било логично во овие кризни времиња да се откажат од нивни приходи ако се тие минимални“ –изјави министерот за економија, Крешник Бектеши
Бектеши додаде дека државните резерви засега нема да се пуштаат во употреба бидејќи проценките се дека пазарот е стабилен и нема прекин во снабдувањето од Грција.
Како што веќе најави Регулаторна, за цената на горивата ќе се одлучува на дневна база па затоа може да се очекува дека утре ќе има нова продажна цена на горивата на бензинските пумпи.
Огнен Чанчаревиќ
