Вкупно 1.207 цивили се убиени во 9 дена од руската опсада на стратешкото пристаниште Мариупол во јужна Украина, соопштија градските власти на Телеграм.
„Девет дена блокада на Мариупол Девет дена континуирано бомбардирање на цивили Девет дена половина милион луѓе живеат без струја, вода, парно, комуникации. Девет дена додека градот е отсечен од надворешниот свет. Девет дена – Убиени 1207 цивили во Мариупол Девет дена геноцид врз цивилното население“, се вели во текстот.
Запрашан за коментар, од кабинетот на украинскиот претседател ја потврдија информацијата.
„Никогаш нема да простиме. Никогаш нема да заборавиме, ние жителите на Мариупол се држиме до тоа“, додаваат градските власти во текстот.
Градот е под жесток руски оган во кој вчера беше погодена педијатриска болница во комплексот каде се наоѓа родилиштето.
Градскиот совет на Мариупол соопшти дека болницата била неколку пати погодена од руски напади, а според информациите биле повредени 17 лица.
Светската здравствена организација во средата објави дека најмалку 19 напади биле извршени врз здравствени установи и загинале најмалку десет медицински работници од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари.
