Вести Наука и здравје Свет

Како да им помогнете на децата да разберат што се случува во Украина?

Ако мислите дека известувањето за војната во Украина преку вести е застрашувачко, само замислете како се чувствуваат децата кога ќе видат снимки од тенкови, војници и бомбардирање на згради. ТикТок, Инстаграм, подкасти и други медиуми и платформи кои децата и адолесцентите често ги користат во последно време се полни со информации за руската инвазија на Украина.

Самата идеја за војна за дете може да биде вознемирувачка, а ако сте родител на помладо дете, можно е да се најдете во ситуација да треба да му ја објасните оваа мрачна и сложена тема на вашето дете.

Дајте им поддршка на децата

Медиумските експерти и детските психолози велат дека децата до десет години тешко можат да ги разберат проблемите на возрасните без помош на постарите, па затоа советуваат да им се пружи поддршка за да се справат со последните случувања.

Некои медиуми се обидуваат да пласираат вести што се специјално прилагодени на децата и да ги информираат за конфликтот, така што тие се чувствуваат вклучени во дискусиите за војната наместо да се плашат.

Но, не е доволно само да се бараат медиумски извори прилагодени на децата. Медиумските експерти препорачуваат родителите да не го кријат своето мислење од детето – важно е гледањето вести да стане време за дружење и отворен разговор со децата за она што се пренесува во вестите.

Возрасните треба да останат искрени и смирени

Истовремено, експертите за детски развој како дел од германската кампања Шау-Хин, чија цел е да се овозможи одговорно консумирање медиуми кај децата, велат дека родителите не треба премногу да се занесуваат со сопствените чувства.

Ова само дополнително ќе ги исплаши децата, особено ако сфатат дека возрасните кои треба да се грижат за нив дури и не знаат како да се справат со она што се случува. Експертите за детска психологија од Британската национална здравствена служба велат дека кога возрасните му ја објаснуваат војната на детето, важно е да останете смирени и искрени.

Без разлика колку години имаат, децата сакаат да бидат сфатени сериозно. Наместо само да ги тешат кога се чувствуваат тажни или исплашени, родителите треба да ги прашаат: „Што точно ве прави тажни?

Самото поставување на ова прашање на детето ќе донесе утеха. На децата во овие тешки времиња треба да им се обезбеди простор за безбедно да ги обработат своите емоции и мисли. Експертите исто така препорачуваат родителите да ги охрабрат своите деца да ги изразат своите чувства преку приказна или цртеж.

Не ги игнорирајте вестите за војната пред децата

„Децата ги поддржуваат своите чувства преку игра, но и преку зборови. Можете да откриете многу за чувствата на децата едноставно со дружење и гледање како играат“, стои во упатствата на НХС за родителите кои сакаат да им помогнат на децата да се справат со чувствата.

Ако детето си игра на начин кој имитира насилство или војна, тоа може да значи дека е под стрес или вознемирено. Во тој случај, можете да ги поттикнете да разговараат и да им кажете дека секој конфликт може да биде страшен.

Британската фондација за ментално здравје ги советува родителите да не се обидуваат целосно да ги игнорираат вестите за војната во нивниот дом. Исклучувањето на телевизорот или лаптопот додека гледате вести само ќе предизвика уште поголема љубопитност кај децата. Ако никој не им објасни што се случува, нивната имагинација ќе проработи, велат експертите за ментално здравје.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Врзан за бандера бара правда и помош за настраданите во Кочани

Дејан Дејан

Трошановски: Сè уште е доминантно расположението на граѓаните за ЕУ, сè помалку веруваат дека реформи би нè донеле таму

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе