Вести Најважни Свет

И третиот круг преговори меѓу Русија и Украина без опипливи резултати

Третиот круг преговори меѓу Русија и Украина заврши без значителен напредок. Русите тврдат дека не ги исполнил нивните очекувања, додека за украинската страна имало позитивни поместувања околу воспоставувањето безбедни хуманитарни коридори.

Што се однесува до политичката точка, која вклучува разговори за обостран прекин на огнот, примирје и прекин на воените дејствија, ќе продолжат интензивни консултации. Во овој момент сѐ уште нема резултати кои позначително би ја подобриле ситуацијата. Во секој случај, консултациите ќе продолжат и ќе добиеме резултати, изјави советникот на Зеленски, Михајло Подољак.

Претходно денеска пропадна уште еден обид за организирање коридори за евакуација на цивилите од бојните полиња. Москва објави листа на безбедни рути за евакуација на цивили од Киев, Мариупол, Суми и Харков, но речиси сите тие водеа до Русија или Белорусија, што предизвика жестоки критики од Украина и западот. Министерството за одбрана објави видео од луѓе кои успеале да се извлечат од Мариупол и да стигнат до сепаратистичките позиции и кои тврдат дека Украинците намерно ги блокираат патиштата.

По патишта кои беа проодни, земјени патишта. Ги блокирале со карпи, гранки волку високи, ги наредиле едни врз други за да не може да помине кола или било што. И така останавме заглавени дома, ни ваму, ни таму, вели една постара госпоѓа евакуирана од мариупол.

Додека фокусот е на преговорите и евакуацијата на цивилите, руската армија го стега обрачот околу Киев. Напредувајќи од северозапад, руските единици пристигнаа и водат борби за Ирпин, Буча и Хостомел, на само неколку километри од украинската престолнина. Друга руска колона се приближува од исток кон Бровари, кој е на 20-на километри од Киев.

Пренесете му на целиот свет дека треба да помогне. Зошто не помагаат, Американците и Британците? Каде се авионите? Викајте пред светот, сите нека помогнат! Франција, Германија, Британија треба да помогнат, моли жителка на Ирпин.

На југот од Украина, долж брегот на Црното море борбите продолжуваат и за Миколаив, стратешки важниот град на утоката на реката Јужен Буг, кој во исто време е значаен транспортен центар и најголемото украинско бродоградилиште. Од Миколаив следната мета на руската армија речиси сигурно ќе биде Одеса и последниот излез на земјата кон Црното Море.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Во јуни загинаа најголем број украинските цивили од април 2022 година

Дејан Дејан

Франција повторно падна во полуфинале против Шпанија

Sportska Redakcija

Илон Маск веројатно го прекршил законот давајќи им на гласачите 1 милион долари – утврди изборната комисија во Висконсин

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе