Со воени униформи, наместо свечено одело и венчаница, украинците Лесја и Валериј одлучија да ја овековечат својата долгогодишна љубов, и на фронотот да си го кажат судбоносното ДА. Нивните браќа по оружје го формираа редот за свадбената поворка, носејќи ракетни гранати и противтенковски проектили. Присутен беше и свештеникот и тој со панцир ја круниса нивната љубов, но наместо црковните скапоцени круни им стави шлемови. И покрај повремените пукотници, Лесја беше радосна, носеше невестински вел закачен за нејзината коса која вели дека самата си ја навиткала.
Оваа храбра жена е само уште една од многуте кои ги напуштија работните места за да се придружат на војната. Лесија била раководител на извидничка организација, но минатиот месец им се придружи на војниците за да го брани својот роден град.
Валериј, сопственик на компанија за информатичка технологија, го нема видено од почетокот на инвазијата, кој веднаш бил регрутиран. Првпат се видоа вчера кога пријателите им го организираа ова изненадување.
Се разбира, јас сум среќна. Како прво, среќна сум што сме живи, што започна овој ден, што мојот сопруг е жив, а тој е со мене. И решивме – којзнае што ќе биде утре – да се венчаме пред државата, пред Бога. И ние имаме возрасна ќерка и мислам дека е среќна што конечно го направивме тоа, вели Ивашченко.
Семејството е одвоено. Тагата е голема објаснува оваа невеста, но верува во победа.
Многу е тажно што ни се случи ова, што нашето семејство не може да биде заедно. Тоа е прв пат кога го гледам мојот сопруг од почетокот на војната, служиме на различни места. Но, знам дека ќе победиме. Не знам, туку убедена сум, додава Лесја.
Пред само две недели овој украински пар беа обични луѓе, кои немале намера или пак некогаш помислиле дека ќе носат оружје. Сега одлучуваат заедно да го бранат Киев. Се здружија заедно да го бранат сето она што го сакаат и велат дека нема да го предадат на непријателот. Лесја и Валериј 22 години се заедно, имаат и 18 годишна ќерка, но никогаш не помислувале да ја формализираат заедницата. Се до сега, кога ужасот од рускиот конфликт ги исплаши дека може да се одвојат.
Мартин Николовски
