Руската Дума го усвои денеска законот со кој се предвидуваат затворски казни до 15 години за сите оние кои свесно, како што се вели, шират лажни информации за воената акција во Украина.
Оваа одлука е само последната акција на руските власти против независните медиуми и малиот број информации, различни од официјалната верзија на Кремљ, кои може да се пробијат во руската јавност.
Откако формално ќе биде одобрен и од горниот дом на рускиот парламент, законот веќе во Сабота може да стапи на сила.
Во Русија забрането е дури да се употреби и зборот војна за ситуацијата во Украина и се користи терминот специјална воена операција.
Неколку часа по носењето на законот, престана со работа и вебсајтот Знак, а од вчера во етерот не зрачат ниту радиото Ехо на Москва и независната ТВ станица Дожд, кои постојано се под закана од властите во Москва.
Истовремено, ББЦ соопшти дека привремено ќе ја суспендира работата на сите новинари на ББЦ и нивните тимови во Русија.
„Целта на овој закон е да ја криминализира работата на независните новинари“ – изјави генералниот директор на ББЦ, Тим Дејви.