Вести Најважни Свет

Украинските преговарачи се на пат за Белорусија на втора рунда преговори, но не се очекува договор за прекин на огнот

Делегациите на Русија и Украина се очекува денеска да го одржат вториот круг од мирновните преговори во Белорусија. Локацијата на преговорите се појави како еден од главните проблеми за нивното одржување, откако првично беше најавено дека тие ќе се одржат во Националниот парк Белавешкаја Пушча на белоруско-полската граница. Шефот на руската делегација Владимир Медински, изјави дека тие се подготвени но сѐ уште ја чекаат украинската делегација.

„Преговорите ќе се одржат на истото место како што беше планирано, на територијата на регионот Брест во Белорусија. Во контакт сме со украинската страна. Руската делегација чека. Од самиот почеток договореното време е 15 часот поради проблематичната логистика на украинската страна, која се собира во Полска, па потоа доаѓа овде.“, изјави Владимир Медински – шеф на руската преговарачка делегација.

Зборувајќи од границата на спротивната страна на земјата, унгарскиот премиер Виктор Орбан, ја понуди Будимпешта како можна дестинација за продолжување на преговорите.

Во меѓувреме, додека се очекува вториот круг од преговорите борбите ширум Украина продолжуваат. Утрово Херсон стана првиот поголем град кој падна во рацете на руската армија, додека западно од него продолжуваат руските напори да го освојат и Мариупол кој го имаат опсадено. Доколку тоа се случи руската армија ќе успее да воспостави копнен коридор од Крим до Луганск а со оглед на интензитетот на борбите и бомбардирањата, се чини дека тоа е една од примарните цели на Русија. За сега останува нејасно дали по освојувањето на Мариупол, руските сили ќе се концентрираат на Одеса, третиот по големи украински град и најголемо пристаниште на Црното Море, каде до сега интензитетот на бомбардирањата и копнените операции беше ограничен.

Синоќа Москва за прв пат објави податоци за загуби на руските сили во Украина, соопштувајќи дека од почетокот на инвазијата до сега загинале 498 војници а ранети биле 1.597, додека на загубите на украинската армија биле 2.870 загинати и 3.700 ранети.

Вкупно, од почетокот на операцијата беа бомбардирани 1.612 воени цели, вклучувајќи 62 командни и комуникациски центри на украинската армија, 39 противвоздушни системи С-300, БУК М-1 и ОСА, и 52 радарски станици. Исто така беа уништени 49 авиони на земја, покрај 13 соборени во воздух. 606 тенкови и други видови на борбени оклопни возила, 67 ракетни лансирачи, 227 артилериски орудија, 405 специјални воени возила и 53 беспилотни летала, соопшти Игор Конашенков – Портпарол на руското Министерство за одбрана

Киев, од друга страна, тврди дека загинале најмалку 9.000 руски војници, а украинската армија до сега уништила 217 тенкови и стотици оклопни возила. Украина не објавува загуби на нивната армија, но секојдневно соопштува за цивилни жртви во руските бомбардирања.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Во јуни загинаа најголем број украинските цивили од април 2022 година

Дејан Дејан

Франција повторно падна во полуфинале против Шпанија

Sportska Redakcija

Илон Маск веројатно го прекршил законот давајќи им на гласачите 1 милион долари – утврди изборната комисија во Висконсин

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе