Вести Најважни Свет

Жестоки борби за контрола на градот Херсон во Украина – продолжува и гранатирањето на Киев

На седмиот ден од руската инвазија на Украина, Москва тврди дека нејзините сили напредуваат кон стратешките цели.

Министерството за одбрана објави дека руската армија ја преземала контролата врз градот Херсон, на југот од Украина, што ако биде потврдено како точно, ќе значи голем удар за украинските власти.

Херсон е важен економски центар за Украина и пристанишен град на Црното море, но гувернерот на Херсонската област и градоначалникот на градот тврдат дека Херсон сѐ уште не е окупиран.

Жестоко бил бомбардиран и Харков, каде според последните информации слетале и руски падобранци и започнале да навлегуваат во градот.

Воздушни напади и гранатирање имаше и во Киев, каде беше погоден телевизиски репетитор во близина на меморијалниот центар Бабин Јар.

„Тие продолжуваат да ги бомбардираат нашите градови. Бомби, ракети, артилерија врз мирни луѓе, повторно и повторно, по населени мести, повторно, Мариупол, Харков, Киев, Житомир и други градови и населби во Украина. Ова не може да се објасни со никаква човечка причина, никаква Божја причина“ – вели Украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Руската армија тврди дека воздушните напади и гранатирањата се вршат со прецизни оружја и нивна мета се технолошките капацитети на украинските безбедносни служби а не цивилни станбени квартови.

„Немаше уништување на станбени објекти во нападот. Тактичките и оперативни сили и военото воздухопловство на руските Воздухопловни сили извршија голем воздушен напад врз украинската инфраструктура. 67 објекти беа погодени. Вкупно до сега се погодени 1.502 објекти.“ – тврди портпаролот на руското министерство за одбрана, Конашенко.

Украинците очајно бараат од западните земји да го затворат воздушниот простор над Украина за да се спречи бомбардирањето на украинските градови, но тоа е речиси невозможно, затоа што обезбедувањето на затворениот воздушен протстор може да доведе до воено вклучување на НАТО во конфликтот.

„Ако има затворено небо, тоа ќе треба да се обезбедува. Тоа значи вклучување на британски ловци кои ќе соборуваат руски ловци, најверојатно над Украина. Тоа ќе доведе до активирање на Членот 5 на НАТО, а НАТО е одбранбен пакт, сите 30 земји ќе дојдат на помош една на друга, активирањето на Членот 5 ќе доведе до војна со Русија ширум целиот европски континент. Ова не е став кој членките на НАТО се подготвени да го заземат.“ – објаснува британскиот министер за одбрана, Бен Волас.

Украинското Министерство за одбрана тврди дека од почетокот на инвазијата во борбите со украинската армија до сега загинале 5.840 руски војници, нивната противвоздушна одбрана урнала 30 авиони и 31 хеликоптер а биле уништени стотици тенкови и пешадиски оклопни возила.

Москва до сега не објавува никакви податоци за жртви на нејзините сили во Украина, слично и Киев периодично објавува штури информации за загинати војници, но тврди дека од почетокот на конфликтот до сега загинале повеќе од 2.000 цивили.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Меџити: „Вреди“ нема да остане со девет пратеници, четворица од Европски фронт ќе се приклучат кон мнозинството

Дејан Дејан

(Видео) Силјановска Давкова: Не го разбирам потегот на Таравари да излезе од влада

Дејан Дејан

(Видео) Сиљановска Давкова: Во понеделник наутро ќе го поднесам мојот предлог за гувернер на Народната банка

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе