Безбедносната ситуација во Украина, на шестиот ден од руската агресија, драматично се влошува. Руските ракетни напади се интензивираат додека огромен воен конвој на руска воена механизација се движи незапирливо кон главниот град на Украина, Киев.
Руското министерство за одбрана објави предупредување до жителите на Киев, дека ќе бидат гаѓани цели во главниот град на Украина.
Ќе бидат спроведени високо прецизни напади против технолошките центри на Украинските безбедносни служби, радари и други локации, тврдат русите, апелирајќи до луѓето кои живеат во близина на такви објекти, да ги евакуираат своите домови.
Утринава со проектил беше таргетирана зградата на Украинската регионална власт во вториот град по големина во државата, Харков, дом на 1,4 милиони луѓе. Ракетата не ја погодила директно зградата, експлодирајќи на плоштадот на слободата пред објекот, но предизвикана е огромна материјална штета.
Во нападот се убиени најмалку 10 луѓе а 20 се ранети, потврдија спасувачите, додека 12-мина биле извлечени од урнатините на погодените објекти.
„Ова е зградата на нашата регионална зграда. Ова не може да се гледа без да се плаче“ – вели еден сведок на нападот.
„Ова е порака за сите оние кои очекуваат и се надеваат на мир од Русите. Дали е ова тоа што го очекувавте? Има многу ранети“ – додава друг жител на Харков.
Ова е државен тероризам, ја обвини Русија, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, барајќи тоа да биде потврдено и од меѓународната заедница.
„Ова е тероризам против градот, против Харков, против Украина. Нема воени цели на плоштадот, како и другите станбени објекти во Харков кои беа нападнати со ракетна артилерија. Проектилот кој го погоди плоштадот во центарот е јасен, нескриен тероризам“ – оцени украинскиот претседател Зеленски.
Руската страна уште од самиот почеток тврди дека нивна цел е демилитаризација на Украина и дека не се напаѓаат цивилни објекти.
Според министерот за одбрана на руската федерација, Сергеј Шојгу, Украинците ги користат градинките, училиштата и станбените блокови како локации во чија близина сместуваат ракетни системи и друг вид оружје.
„Руската армија не ја окупира територијата на Украина и ги презема сите мерки за заштита на животите и безбедноста на цивилите. Би сакал да подвлечам дека нападите се вршат само против воените цели и со користење на исклучително прецизно оружје“ – тврди Шојгу.
Фактите во Харков го демантираат Шојгу. Токму овој град, набргу по завршувањето на преговорите во Белорусија беше цел на жестоко гранатирање, не на воените инсталации туку на станбени, цивилни комплекси. Во Харков, првиот главен град на Украинската Советска социјалистичка република, е сместен дел од најзначајната индустрија, вклучувајќи и фабрика за тенкови, како и бројни АЈТИ компании. Најмалку 7 цивили биле убиени а повеќе десетици се ранети во жестокото бомбардирање, иако според украинските власти, бројките на жртвите се веројатно повисоки.
Руската страна, несомнено агресорот во војната во Украина, најде нова причина за инвазијата, покрај изговорите за демилитаризација и денацификација на земјата чиј претседател е Евреин.
Тоа е стравот од можното нуклеарно вооружување на Украина.
„Украина поседува Советски технологии и средства за користење на тоа оружје. Не можеме да ја игнорираме таа реална опасност“ – тврди Лавров.
Колку за потсетување со серија потпишани меѓународни договори меѓу Украина, Русија, САД и Велика Британија, властите во Киев, кои по распаѓањето на Советскиот Сојуз, наследија значаен број нуклеарни проектили, се откажаа од овој арсенал.
По потпишувањето на меморандумот од Будимпешта од 1994-та година, овие проектили завршија во Русија.
За сметка на тоа, тогашна Русија, пред доаѓањето на Путин на власт, се обврза дека ќе ја гарантира безбедноста на Украина.
Прашање на часови е кога под опсада ќе се најде и главниот град на државата. Огромен руски воен конвој, долг повеќе од 60 километри се движи кон Киев, потврдуваат сателитските снимки. Стотици тенкови, оклопни транспортери, тешка артилерија со поддршка од воздух полека одат кон клучната битка во војната.
Градот и во текот на ноќта повеќе пати беше бомбардиран, при што детонациите се се поблиску до центарот.Погодени биле и нафтени депоа, кои гореа во текот на ноќта.
„Харков и Киев се најважните цели. Целта на теророт е да не скрши, да го скрши нашиот отпор. Доаѓаат кон нашиот град, како и кон Харков. Токму затоа одбраната на главниот град е клучен приоритет за нашата држава“ – тврди Зеленски.
Украински извори потврдија и дека околу 70 Украински војници ги загубиле животите во руски артилериски напади во северо-источниот град Охтирска.
Ништо подобро не е и на југот од Украина.
Во градот Бердјанск, на Азовското Море, повеќе десетици граѓани бесно им се обратија на руските војници на централниот плоштад, прашувајќи ги што бараат во нивниот град.
„Што? Ќе пукате во нас? Ајде, пукајте, јас немам ништо. Пукајте, ајде. Нели сте вие наши браќа? Ајде, пукајте. Ние сме обични луѓе, немаме никакво оружје“ – велат украинските цивили.
Според проценките на американските и британските разузнавачи, Русија досега на територијата од Украина распоредила речиси 75% од воените сили распоредени околу државата, за разлика од само 40% на почетокот на инвазијата.
Никола Илиевски