Полскиот премиер Матеуш Моравјецки ќе се сретне во Брисел со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за да разговара за забрзаното приближување на Украина со Европската унија.
„Попладнево премиерот Моравјецки се среќава со претседателот на Европската комисија Фон дер Лајен“, напиша на Твитер портпаролот на полската влада Пјотр Мулер.
Темата ќе биде поддршката за Украина во контекст на членството во ЕУ.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделникот изјави дека потпишал официјална апликација за пристапување на Украина во ЕУ. Зеленски побара од Европската унија да и дозволи на Украина веднаш да стане членка, според посебна процедура, бидејќи таа се брани од инвазијата на руските сили.
Потребна е согласност од сите членови
Претседателите на земјите од ЕУ од Централна и Источна Европа ги повикаа другите членки на Унијата веднаш да и дадат на Украина статус на земја кандидат за членство во ЕУ и да ги отворат преговорите за членство, се вели во отвореното писмо.
За прием на Украина во Европската унија потребна е согласност од сите земји-членки, а некои од нив имаат различни ставови, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.