Рубљата падна на рекордно ниско ниво, Московската берза денеска остана затворена а Централната банка ги зголеми каматите и забрани продажба на акции во странство. Ова се првите последици откако економските санкции на ЕУ, САД, Јапонија и неколку сојузници стапија на сила.
Економската реалност значително се промени, е официјалниот став на Кремљин.
40 отсто беше најголемиот пад на вредноста на рубљата во текот на ноќта и во еден момент еден американски долар вредеше 119 руљби за утринава малку да се стабилизира состојбата и пад на вредноста на рубљата да се задржи на 20 отсто па сегашниот курс е 101 рубља за еден американси долар.
Граѓани во редици чекаат пред банкоматите и шалтерите во банка за да подигнат што е можно поголема сума на пари во готовина бидејќи не знаат штои ќе донесе утрешниот ден и евентуалната нова рунда на економски санкции.
Според американскиот „Њузвик“ од почетокот на инвазијата врз Украина, за само пет дена, руските граѓани и бизниси повлекле околу 1,3 милијарди долари од сметикте во банките што според руската Централна банка е најголема побарувачка за готовина уште од март 2020 година, веднаш по извивањето на пандемијата на Ковид 19.
Како последица на санкциите од Западот, Руската централна банка денеска ја зголеми основната каматна стапка од 9,5% на 20% за да помогне при стабилизирање на курсот на рубљата и за сопирање на инфлацијата. Покрај тоа Централната банка во Русија им забрани на трговците со хартии од вредност да продаваат руски хартии од вредност на странци.
Денеска и Јапонија соопшти дека ги прекинува сите трансакции со Руската централна банка
Со економските санкции замрзнат е дел од девизните резерви на Руската централна банка кои се проценуваат на вкупно 640 милијарди долари но засега нема прецизна бројка колкав е тој дел бидејќи со санкциите не се опфатени девзините резерви кои се чуваат во Москва и во Кина.
Засега нема најави дали и кога ќе се овтори Московската берза и колкав е падот на берзата и сеуште се чека на листата на руските банки кои се исклучени од СВИФТ системот.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска се сретна со економските и финансиските експерти и министри а се очекува на средбата да се дискутираат следните чекори кои би се опревзеле за да се ублажат последиците од економските санкции.
Огнен Чанчаревиќ