Косово побара од САД да воспостават постојана американска воена база во земјата и да го забрзаат членството во НАТО по руската инвазија на Украина, објави Ројтерс.
САД во моментов имаат 635 војници во Косово кои работат на одржување на кревкиот мир како дел од мировната мисија на НАТО.
„Забрзувањето на процесот на пристапување на Косово во НАТО и постојаната американска база се итно потребни за да се гарантира мирот, безбедноста и стабилноста на Западен Балкан“, рече косовскиот министер за одбрана Арменд Мехај на Фејсбук.
Според Ројтерс, Косово им се придружи на другите западни земји во воведувањето санкции кон Русија поради нападот на Путин врз Украина. Мехај рече дека владата на Косово е подготвена да помогне „за секоја воена операција во Украина доколку Вашингтон тоа го побара од нас“.
Независноста на Косово ја признаа повеќе од 110 земји, главно западни. Србија не го направи тоа, исто како Русија. Меѓу земјите кои одбиваат да ја признаат независноста на Косово се и четири членки на НАТО. Поради руските приговори, Косово сè уште не е членка на ОН.