Вести Свет

Речиси никакви очекувања од преговорите меѓу Русија и Украина во Белорусија

Висока украинска делегација, предводена од министерот за одбана пристигна денеска во Белорусија, каде треба да се водат преговорите со Русија во обид за запирање на војната. Додека во земјата судирите не само што не запираат туку драстично се интензивираат, очекувањата за некакви резултати се речиси непостоечки.

Украинците побараа прекин на огнот пред да почнат преговорите, како и повлекување на руската армија од територијата на нивната држава. Што може да се очекува и од преговорите, чиј домаќин е најблискиот сојузник на Русија и од чија територија се лансираат бројни проектили против цели во Украина, исто така е релевантно прашање.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, најави дека ќе ги ослободи затворениците со борбено искуство да помогнат во одбрана на земјата.

„Според воената состојба, учесниците во непријателствата, Украинците со искуство од водење борби, ќе бидат ослободени од затвор и ќе може да компензираат за својата вина со борба на најтешките места каде се војува.“ – изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Сите санкции се укинати против некои луѓе кои се дел од анти-терористичките операции. Клучот сега е одбраната.

Зеленски оцени дека во текот на, веќе петтиот ден од почетокот на руската инвазија, Украина преживеала ужаси со кои поголем дел од државите не се соочуваат и во повеќе децении.

„Во текот на Руската инвазија, за само 4 дена, 16 Украински деца починаа како резултат од руското бомбардирање. Шеснаесет! 45 деца се ранети.“, рече украинскиот претседател Зеленски.

Зеленски побара и итен прием на Украина во рамките на ЕУ, заблагодарувајќи се на помошта неговата земја ја добива од Унијата.

Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, сними и видео порака, објавена на инстаграм, на која на руски јазик им се обраќа на граѓаните на Руската федерација и бара од нив да извршат притисок врз Путин за запирање на војната.

Вие ќе ја платите високата цена на одлуката на вашиот претседател, изјави Кулеба, посочувајќи на острите санкции со кои обичните руси нема да може да плаќаат со своите кредитни карти или да патуваат во странство, како и на опасноста од инфлацијата и падот на вредноста на рубљата.

„Мислам дека вие имате многу едноставно средство да го запрете ова лудило. Барајте од Путин да ја прекине војната. Украина не нападна никого и не планира да нападне никого. Сакаме да живееме во мир. Но, за таа цел, Путин мора да ја запре војната и уништувањето на Руската економија, кое веќе започна и од кое ќе страдате. Спасете ја својата земја. Барајте од Путин да ја запре војната.“ – истакна Дмитри Кулеба, министер за надворешни работи на Украина.

Руската армија, од своја страна, тврди дека веќе има воздушна надмоќ над целата територијата на Украина. Портпаролот на министерството за одбрана Игор Конашенков оцени дека Киев е тероризиран од вооружени Украински националисти, кои ги користат граѓаните како штит . Според него, руските трупи оставиле безбеден коридор низ кој може да се повлечат цивилите од главниот град на Украина.

„Киев е тероризиран од вооружени банди на бандити, криминалци и националисти кои добија оружје заради криминалната одлука на владата да им даде оружје на цивилите. Се обраќаме до жителите на Киев. Сите цивили кои во моментов се во градот, може да го напуштат главниот град преку автопатот Киев-Василков, без никави пречки. Тој пат е отворен и безбеден.“ – рече Игор Конашенков, портпарол на руското министерство за одбрана

Според информациите, најголем дел од руските трупи се позиционирани на 30 км оддалеченост од Киев. Жестоки борби се водат и околу други поголеми урбани центри, бомбардиран бил и градот Чернигов во северо-источниот дел од земјата. Во одбрана на земјата мобилизирани се и десетици илјади луѓе доброволци.

„Ние бевме нападнати од Русија пред долго време. Војната трае веќе 8 години. Ги браниме своите домови, затоа овие едноставни луѓе станаа резервисти. Тие имаат патриотски духови на Козаците. Тие знаат што да прават и ќе го запрат непријателот. Слава на Украина.“ – изјави украински доброволец.

Обединетите нации соопштија и дека над 400 илјади луѓе досега ја напуштиле земјата и побарале спас во соседните земји, додека над 100 илјади се внатрешно раселени.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Бајач“ од Трубарево измамил брачен пар од Берово за 400.000 евра

Дејан Дејан

Сторија од Преспа: Природата не е депонија!

Дејан Дејан

Жерновски го повика Костадинов да се повлече од делување надвор од партијата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе