Вести Најважни Свет

Русите велат дека зеле два града и нуклеарна централа

Руската армија зазеде два помали града во југоисточна Украина, но наиде на жесток отпор на друго место. Во меѓувреме се очекува да започнат преговорите меѓу руската и украинската делегација на границата со Белорусија.

Руското Министерство за одбрана тврди дека руските сили ги зазеле југоисточните градови Бердјанск и Енерходар. Тие тврдат дека блиската нуклеарна централа Запорожје е под нивна контрола, но украинската страна тоа го негира.

Релативно тивка ноќ во Киев

Во Киев беше релативно мирна ноќ, а утрото по два дена накратко беше прекинат полицискиот час што им овозможи на граѓаните да излезат од прифатилиштето, да се освежат и да тргнат по намирници.

Сите обиди на руските сили да ги окупираат урбаните центри беа одбиени.

На белоруската граница се е подготвено за почеток на преговорите и двете делегации само чекаат да пристигнат таму.

Ватикан во понеделникот соопшти дека е подготвен за посредничка мисија. Државниот секретар кардинал Пјетро Паролин, втор човек во хиерархијата на Ватикан, изјави за италијанските весници дека и покрај војната што Русија ја започна против Украина е убеден дека секогаш има простор за преговори.

400.000 цивили избегаа во соседните земји

Речиси 400.000 цивили, главно жени и деца, побегнале во соседните земји, соопшти добротворната организација на ОН.

Висок претставник на американската одбрана изјави дека Русија досега истрелала повеќе од 350 проектили врз украински цели, од кои некои ја погодиле цивилната инфраструктура.

„Изгледа дека усвојуваат менталитет за опсада, што ќе ви го каже секој студент по воена тактика и стратегија. Кога ќе примените тактика за опсада, тоа ја зголемува веројатноста за колатерална штета“, рече функционерот, кој сакаше да остане анонимен.

Тој како пример ја наведе руската офанзива на градот Чернихив, северно од Киев, каде што украинските власти соопштија дека станбена зграда била запалена откако била погодена од ракета рано во понеделникот.

Ракетите погодија друг град на северот, Житомир, соопшти Командата на украинските копнени сили.

Русите досега не успеаја да окупираат ниту еден украински град, не го контролираат украинскиот воздушен простор, а руските војници веќе втор ден се лоцирани на околу 30 километри од центарот на Киев.

Невидени санкции

Политичките, стратешките, економските и корпоративните санкции против Русија се без преседан во нивниот опсег и координација, а доаѓаат и нови ветувања за воена поддршка за украинските вооружени сили.

Рубљата падна за речиси 30 отсто на најниското ниво во историјата во однос на доларот, откако западните земји во саботата објавија остри санкции, вклучително и исклучувањето на некои банки од меѓународниот платен систем СВИФТ.

Неколку европски филијали на Сбербанк Русија, во мнозинска сопственост на руската влада, пропаднаа или најверојатно ќе пропаднат поради војната во Украина, соопшти Европската централна банка.

Јапонија соопшти дека и било побарано да се приклучи на мерките кои ја исклучуваат Русија од СВИФТ, а исто така размислува за воведување санкции за некои поединци во рускиот сојузник Белорусија.

На референдумот во Белорусија во неделата беше одобрен нов устав со кој се отфрла ненуклеарниот статус на земјата.

Во неделата, Европската унија одлучи за прв пат во својата историја да испорача оружје на земја во војна, ветувајќи и оружје на Украина, вклучително и борбени авиони.

Германија, која веќе го замрзна планираниот руски подморски гасовод, рече дека значително ќе ги зголеми трошоците за одбрана, отфрлајќи ја децениската неподготвеност да ја усогласи својата економска моќ со воената моќ.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изрази поддршка за членството на Украина во интервју за Еуроњуз, велејќи дека „тие се дел од нас“.

ЕУ го затвори својот воздушен простор за сите руски авиони, а истото го направи и Канада, принудувајќи ја руската авиокомпанија Аерофлот да ги откаже сите летови до европските дестинации до понатамошно известување. САД и Франција ги повикаа своите граѓани веднаш да размислат за напуштање на Русија.

Руските медиуми се забранети

ЕУ ги забрани и руските медиуми Раша Тудеј и Спутник.

Во Њујорк, Советот за безбедност на ОН свика итна седница на Генералното собрание на ОН, или сите 193 земји-членки на Обединетите нации.

Протести против инвазијата се одржуваат низ целиот свет, вклучително и во Русија, каде од четвртокот на антивоените протести се приведени речиси 6.000 луѓе, изјави набљудувач на протестите на ОВД-Инфо.

Десетици илјади луѓе ширум Европа протестираа, вклучително и повеќе од 100.000 во Берлин.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Осум пожари на отворен простор евидентирани во земјата – четири сè уште активни

Дејан Дејан

Јакимовски: Да воведеме и данок на купени дипломи и изгубени премиери?

Дејан Дејан

Трамп најави предупредувачки писма со царински мерки до 12 земји

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе