Разорни санкции против Русија. Вака американскиот претседател Џо Бајден го најави новиот пакет санкции по руската инвазија на Украина. Со санкциите, договорени на виртуелниот состанок на лидерите на Групата седум најразвиени земји, опфатени се руски банки, олигарси, високо-технолошкиот сектор.
Бајден го нарече Путин агресор кој сега ќе сноси последици.
„Путин е агресор, Путин ја избра оваа војна и сега тој и неговата држава ќе сносат последици. Денес се воведуваат силни санкции, нови ограничувања за извозот во Русија и ова ќе ја чини многу руската економија. Ги дизајниравме овие санкции за да го максимизираме долгорочно влијанието врз Русија и да го минимизираме влијанието на САД и сојузниците“ – изјави Бајден.
Претходно, Британија најави дека ќе ги замрзне средствата на големите руски банки, и ќе оневозможи големите руски компании да собираат капитал во Британија. На авио-компанијата Аерофлот ќе и биде забранет воздушниот простор над Велика Британија.
„Сега имаме јасна мисија. Дипломатска политичка, економска и евентуално воена. Овој грозен и варварски потфат на Владимир Путин мора да заврши со неуспех. На Самитот Г7 попладнево, се согласивме да работиме заеднички за да ја максимизираме економската цена што ќе ја плати Путин за оваа агресија. А, тоа мора да вклучи и крај на европската завсност од руската нафта и гас“ – подвлече Џонсон.
Во меѓувреме, рускиот претседате Владимир Путин се сретна со руските бизнисмени велејќи им дека одлуката за напад на Украина е решение од најмало зло. Тврдеше дека западните земји создале таков безбедносен ризик, што било невозможно Русија да дејствува поинаку.
„Русија останува дел од светската економија. И се додека е така, немаме намера да му наштетиме на системот на кој припаѓаме. Нема да и наштетиме на светската економија од која сме дел и се додека таму припаѓаме. Верувам дека нашите партнери треба да го разберат тоа и дека не им е целта да не исфрлат од тој систем“ – изјави Путин.
Руските државници се убедени дека руското стопанство ќе ја преживее економската криза. Но, Неколку поранешни европски лидери се повлекоа од одборите на директори на руски компании.
Еско Ахо, поранешен премиер на Финска, поднесе оставка од управниот одбор на Сбербанк, најголемата руска банка. Од управниот одбор една од автомобилски компании во Русија се повлече и поранешниот италијански премиер Матео Ренци. Кристијан Керн, кој ја предводеше австриската влада, изјави дека се повлекува од надзорниот одбор на руските државни железници, додавајќи дека најновите случувања во Украина го направиле тоа неизбежно.
Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, кој беше на власт од 1998 до 2005 година, сепак не се повлече веднаш од функцијата претседател на одборот на директори на рускиот државен нафтен гигант Роснефт.
Марија Дивитарова