Најмалку 40 украински војници и десетина цивили се убиени во првите часови од руската инвазија на Украина, изјави за новинарите советник на украинскиот претседател, пренесоа агенциите.
„Знам дека повеќе од 40 украински војници беа убиени, а неколку десетици беа повредени и дека десетина цивили се убиени низ целата земја“, рече Олексеј Арестович.
Тие загуби се случија во воздушни и ракетни напади во текот на утрото, рече тој, пренесува АФП.
Момче е убиено во регионот Харков кога гранати погодиле станбена зграда, соопшти службата за итни случаи.
Руската војска објави дека проруските сепаратисти во источна Украина и помагаат да постигне успех на терен.
Генералот Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана, на телевизија изјави дека бунтовниците напреднале три километри во областа Доњецк и еден и пол километар во областа Луганск.
Русите велат дека цивилите немаат од што да се плашат
Тој нагласи дека Русија цели на воени цели и дека цивилите нема од што да се плашат.
Русија започна општа инвазија на Украина од копно, воздух и море, што е најголемиот напад врз друга земја во Европа од Втората светска војна и потврда на најлошите стравови на Западот.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба изјави дека Русија спроведува општа офанзива од неколку правци и дека украинските сили даваат отпор на нападот.
„Не, ова не е руска инвазија само во источна Украина, туку целосен напад од неколку правци“, напиша Кулеба на Твитер.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика сите граѓани кои се подготвени да се приклучат на одбраната на земјата од руските сили, додавајќи дека владата ќе му даде оружје на секој што сака, пренесува Ројтерс.
Зеленски ги повика Русите да протестираат против војната.
