Американскиот претседател Џо Бајден дал начелна согласност да се организира самит меѓу него и рускиот претседател Владимир Путин, на кој ќе разговараат за кризата околу Украина.
Самитот беше предложен од Франција и ќе се одржи само доколку Русија не ја нападне Украина, соопштија од Белата куќа.
Од таквата средба може да произлезе дипломатско решение на најлошата безбедносна криза во Европа изминативе децении.
Сепак Американците продолжуваат да тврдат дека нивните разунавачки инфомрации посочуваат дека Русија е подготвена во секој момент да ја започне инвазијата.
Предлогот за самитот беше објавен од страна на францускиот претседател Емануел Макрон откако одржал два телефонски разговори со Путин, кои заедно траеле речиси три часа. Вториот телефонски разговор меѓу двајцата претседатели се одржал доцна синоќа, откако Макрон претходно 15 минути разговарал со Бајден.
Според Елисејската палата, деталите околу предложениот самит ќе бидат дискутирани на срредбата помеѓу американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, која треба да се одржи во четврток.
