Скандал во Европскиот парламент. Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски со нацистички поздрав му се обрати на италијанскиот европратеник Сандро Гоѕи и ја напушти салата. Инцидентот се случи за време на дебата посветена на пресудата на Европскиот суд на правдата со која се критикува владеењето на правото во Унгарија и во Полска.
Џамбаски од говорницата ги нападна своите колеги во европарламентот и застана во одбрана на владејачките партии во Полска и во Унгарија. Тој одлуката на Европскиот суд на правдата ја нарече одвратна.
Нема никогаш да се согласиме со вашата агенда, агендата на сите што сакаат да ја уништат Европа трансформирајќи ја во нешто друго. Да живее Орбан и „Фидес“. Да живее Качински и „Право и Справедливост“. Да живее Бугарија и нашата национална држава. Да живее Европа на нациите!, порача Ангел Џамбаски, европратеник.
Од парламентарната група „Ренесанса“ на италијанскиот европратеник Сандро Гоѕи го осудија однесувањето на Џамбаски и побараа од претседателката на Европскиот парламент Мецола да преземе мерки.
Санкции побара и Манфред Вебер, претседавачот на Европската народна партија, најголемата групација во европарламентот.
Џамбаски е член на ВМРО-БНД и на групацијата ЕЦР во европарламентот, составена од претежно десничарски партии, како унгарската Фидес, полската Закон и правда и шпанската Вокс. На македонската јавност Џамбаски и е познат со скандалозни антимакедонски изјави.
Билјана Ставрова
