18 лица се упасени во Белгија, Холандија и Македонија за производство на марихуана, за перење пари од профитот и за недозволено држење оружје. Уапсени се македонски државјани, од кои двајца на наша територија.
Во уапсената група има и други македонски државјани кои не живеат овде, но и Холанѓани, Белгијци и Бугари. Групата на неколку плантажи во Белгија неовластено одгледувала канабис од 1 јануари 2020 година, а веројатно и порано. Секој член на криминалната група имал своја улога во криминалната организација (одржување на насадите на плантажите, продажба, транспорт, одржување на локацијата за одгледување на марихуаната, плаќање на сметки за комунални услуги со лажни патни исправи итн). Осомничените македонски државјани периодично биле на релација Белгија и Холандија – Република Северна Македонија со оглед дека во матичната земја имаат оформено свои семејства. Тамошната истрага утврдила дека осомничените дел од парите стекнати со кривично дело ги носат во Македонија, а со дел купуваат недвижен имот на Белгискиот пазар на недвижности. Во акцијата биле запленети парични средства, оружје, возила и златен накит, како и докази од трансакции на големи суми на пари на банкарски сметки. За уапсените ќе се бара притвор. Воедно, обвинителството најавува дека ќе побара и привремено замрзнување на имотот на осомничените лица.