Првата седница на редовната влада на Бугарија ќе се одржи денеска во Софија, изјави за БНТ новоизбраниот премиер Кирил Петков.
Новиот бугарски премиер Кирил Петков, по официјалниот избор на владата во Народното собрание, порача дека таа ќе ја задржи позицијата на земјата во врска со барањата кон Македонија, но ќе ја надргади со проширување на комуникацијата и формирање на дополнителни работни групи кои ќе се среќаваат на месечна основа. Во првото интервју за Бугарската национална телевизија како премиер, Петков рече дека некои од темите за кои овие групи ќе разговараат ќе бидат заедничката инфраструктура, заедничка култура и заеднички економски чекори.
„Кога зборуваме за дебата и решавање на заедничките проблеми, да се фокусираме на добрососедството, да се фокусираме на тоа што и двете земји можеме да го добиеме со тоа што ќе бидеме добри соседи еден на друг.“
По третите парламентарни избори оваа година, од кои два пати беа распишани предвремени и на кои победуваа нови партии, ова е прв пат да се формира политичка влада во земјата. Предводена од Кирил Петков, министерот за економија во техничката влада на Јанев, новата влада постави три клучни точки во нејзината програма, нулта толеранција за корупцијата, целосна транспарентност во трошењето на јавните пари и реформи на судскиот систем.
Покрај тоа, пред нејзе стојат три тешки кризи за решавање, демографската, енергетската и корона кризата. Од 27-те земји членки на унијата, Бугарија не е само најсиромашната, туку има најнизок процент на вакцинација и највисока стапка на опаѓање на популацијата.
Игор Трајков
