Македонска берза да ја одложи примената на новите правила за котација и кодекс за коропративно управување – бара Стопанската комора. На иницијативата стои потпис на 20 членки кои се практично и најголемите компании во земјава.
Велат не биле консултирани во делот од кога да почне примената и ова е втора нивна реакција до Берзата. Не се против Кодексот, но според нив тој е донесен предоцна – на 26 октомври, а важи ретроактивно за годинава.
Велат има многу бирократија која треба да ја спроведат во многу краток рок. А неспроведувањето може да го наруши нивниот имиџ пред инвеститорите, кој тие го граделе десетици години наназад.
“За да се усогласат компаниите треба да свикаат Собрание. Сега сме декември месец а Собрание обично компаниите го свикуваат во април или мај. На тоа собрание треба да се усвои измена на Статутот на нивното работење. Измената на статутот треба да предвиди и променана надлежностите кои ги намернува Кодексот во делот на органите на управување, Значи дел од надлежностите преминуваат од Управен на Надзорен и обратно и тоа не се прави на крај од годината. Дополнително се бара формирање и на одредени задолжителни Комисии кои што исто нивната задолжителност треба да се предвиди во Статутот” – вели Анета Трајковска од СКМ.
Но, за Берзата пак Кодексот спаѓа во т.н. мека регулатива. Велат на јавната расправа ниедна од компаниите не го покренала прашањето за динамиката на имплементирање.
Кодексот спаѓа во т.н. мека регулатива. и се применува според принципот „примени или објасни зошто не си применил“. Применувањето на ваков Кодекс е регулирана материја и во Законот за трговски друштва, велат од Македонска Берза.
Компаниите бараат новите правила да важат од пролетта 2023 година, а Изјавата да биде дел од Извештаите за наредната година.
Според нив во услови на економска, здравствена и енергетска криза со која се соочуваат во моментов т повеќе од потребно е Берзата да го прифати нивното барање.
Од Берзата пак потврдија дека ја добиле Иницијативата. Велат ќе одговорат.
Александра Филиповска