Британскиот апелациски суд ја отвори вратата за екстрадиција на Џулијан Асанж во САД, отфрлајќи ја пресудата на пониската инстанца. Високиот суд во Лондон, оцени дека гаранциите добиени од САД, дека Асанж ќе добие правичен и хуман третман, се доволни и му наложи на понискиот суд да го проследи барањето за екстрадиција до министерката за внатрешни работи Прити Пател за одобрување.
Неговата свршеница, Стела Морис, пресудата ја нарече цинична и обвини дека судот дозволил предавање на Асанж на истите луѓе кои планирале да го убијат.
-Џулијан ги обелодени криминалите на мачителите на ЦИА, на убијците на ЦИА. Сега знаеме дека тие убијци на ЦИА планирале да го убијат и него. Како може овој суд, како можат овие судови да го одобрат барањето за екстрадиција под овие услови? Како можат да прифатат екстрадиција во државата која подготвуваше убиство на издавач поради тоа што го објавил? Ова задира во основите на слободата на известувањето и во демократијата. Ќе се бориме- Стела Морис – партнерка на Џулијан Асанж.
Неговите подржувачи протестираа пред судот во Лондон, додека главната уредничка на Викиликс порача дека овде повеќе не станува збор само за Асанж, туку за правото на медиумите да објавуваат материјали кои не им се допаѓаат на државите и големите корпорации. Амнести интернешанел пресудата ја нарече пародија на правдата а за американските гаранции оцени дека се исполнети со недостатоци.
САД дале четири гаранции, меѓу кои дека Асанж нема да биде затворен во самица, пред или по евентуалното судење во САД, дека затворската казна нема да ја служи во Флоренс супермакс, затворот со максимални бебедносни мерки во Колорадо и дека би можело да му биде дозволено затворската казна да ја отслужи во неговата родна Австралија. За неговите адвокати овие гаранции се бесмислени и нејасни. Наведуваат дека според 18-те обвинувањата за кои се товари, тој би можел да добие затворска казна од 175 години, но американската влада тврди дека таа не би била повисока од 6 години.
Игор Трајков
Известувач на ОН: Пресудата на Асанж е „политички мотивирана“
