Вести Свет

Бајден: На демократијата во светот и се потребни шампиони

Американскиот претседател Џо Бајден, на виртуелниот Самит за демократија, на кој присуствуваа околу 100 земји, денеска изјави дека на демократијата и се потребни „шампиони“.

– На демократијата во светот и се потребни шампиони, за да се спротивстави на големите и загрижувачки предизвици, порача Бајден од Белата куќа, опкружен со билборди на кои пишува „Самит на демократијата“ и лого во сина, портокалова и бела боја.

Тој рече дека дури и САД „мора постојано да се борат за да останат на висината на своите демократски идеали“, додавајќи дека ниту една поканета земја „не е совршена“.

Бајден повика со заеднички сили да се спротивстават на „автократите“ кои „ги оправдуваат нивните репресивни политики и практики како најефективно средство за соочување со предизвиците во моментот“.

Со тоа, рече тој, „тие сеат семе на сомнеж во капацитетите на демократските држави, во нивната ефикасност околу грижата за своите граѓани“.

По воведните зборови на американскиот претседател Џо Бајден на Самитот за демократија, други лидери зедоа збор за состојбата на демократијата, а многу од говорите беа претходно снимени, потенцирајќи го влијанието кое новите технологии го имаат врз нивните земји. Тие се пожалија и на зголемувањето на кампањите за дезинформација со цел поткопување на демократските институции и изборните процеси во нивните земји.

– Демократската комуникација се менува, истакна данската премиерка Мете Фредериксен.

Таа додаде дека „новите технологии и големите технолошки компании се повеќе влијаат на демократскиот дијалог, понекогаш со посилен акцент на масовниот потрошувач, отколку на слободата на говорот“.

Средбата се одржа во време на обидите на американскиот претседател Џо Бајден да изврши притисок врз рускиот претседател Владимир Путин да ги намали тензиите околу Украина.

Во својот говор, полскиот претседател Анджеј Дуда ја прекори Русија, критикувајќи ја Москва за нејзината поддршка кон Белорусија. Полска и нејзините западни сојузници го обвинија белорускиот претседател Александар Лукашенко дека ги користи мигрантите како пиони за да ја дестабилизира Европската унија, со што возврати на санкциите на ЕУ против Минск.

– Полска е посветена да биде столб на демократијата во Источна Европа. Ова е прекрасна улога, но има свои недостатоци. Нас не направи мета на пропагандата на Кремљ, изјави Дуда.

На Самитот за демократија не се поканети да учествуваат Русија и Кина. Од шесте држави на Западен Балкан на виртуелната средба не е поканета само Босна и Херцеговина. Меѓу учесниците има претставници на САД, Словачка, Молдавија, Романија, Гана, Нов Зеланд, Шведска, Литванија и Латвија.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Меџити: „Вреди“ нема да остане со девет пратеници, четворица од Европски фронт ќе се приклучат кон мнозинството

Дејан Дејан

(Видео) Силјановска Давкова: Не го разбирам потегот на Таравари да излезе од влада

Дејан Дејан

(Видео) Сиљановска Давкова: Во понеделник наутро ќе го поднесам мојот предлог за гувернер на Народната банка

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе