Високи температури и недостаток на снег, тоа е ноќната мора на секој организатор на голем настан, па и на домаќините на претстојните олимписки игри што ќе се одржат во Пекинг.
На два месеци пред почетокот на натпреварувањето, домаќините го промовираа системот за производство на вештачки снег кој би требало да ги реши сите евентуални проблеми.
Националниот центар за алпско скијање кој се наоѓа стотина километри северозападно од кинеската престолнина е подготвен да ги пречка спортистите кои ќе се борат за трофеите на Олимписките игри.
Организаторите подготвија 170 машини за производство на вештачки снег кој треба целосно да ги покрие патеките за алпските дисциплини кои имаат вкупна должина од 10 километри.
Машините се дизајнирани да работат 24 часа во денот и да функционираат дури за време на натпреварувањата доколку тоа е потребно.
За потребите на производство на вештачкиот снег направени се посебни резервоари кои се полнат со вода од стопениот снег и откако таа ќе биде прочистена може повторно да се користи.
Воедно филтрираната вода од резервоарите истовремено ќе може да се користи и за широка употреба и ќе биде наменета и за капацитетите кои се наоѓаат околу патеките.