Со симболично боење сива инсталација поставена на плоштадот „Македонија“ во Скопје денеска беше означен почетокот на кампањата „Внеси боја во сивата економија“, чија цел е да се подигне свеста кај граѓаните за последиците од нерегистрираните економски субјекти и да се поттикне намалувањето на сивата економија.
Кампањата ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Министерството за финансии. Главното мото е дека секој граѓанин може да придонесе во намалување на сивата економија на тој начин што ќе ги поддржи легалните бизниси и нема да користи производи и услуги за кои не се плаќа данок. Еден од начините е барање фискална сметка како гаранција дека данокот е платен.
Сивата економија претставува една третина од економијата на земјава и има неколку негативни последици. Влијае врз приватниот сектор и се создава нелојална конкуренција, а од друга страна се намалуваат и јавните приходи што значи помалку буџетски средства за изградба на јавни добра.