Бугарскиот претседател, Румен Радев, денеска ги почнува консултациите со претставниците на седумте пратенички групи во 47. Народно собрание пред да го врачи првиот мандат за формирање на идната бугарска влада.
Тој денеска ќе разговара со четири од партиите во новиот бугарски Парламент, а за утре се закажани уште три средби.
Први на консултациите ќе бидат одржани со претставниците на „Промените продолжуваат“, а по нив се ГЕРБ-СДС. Бугарскиот претседател утре ќе ги продолжи консултациите со претставниците на „Има таков народ“, „Демократска Бугарија“ и „Преродба“.
Во меѓувреме бугарските медиуми го објавија претпоставениот состав на новата влада. Победникот на парламентарните избори во земјата „Промените продолжуваат“ ќе има 10 министерски места во новата бугарска Влада, меѓу кои премиерот Кирил Петков и двајца вицепремиери, Асен Василев кој ќе биде министер за финансии, и Калина Константинова за административна реформа.
„Промените продолжуваат“ во овој пакет ќе ги има и министерствата за образование и за внатрешни работи, а се очекува актуелните привремени министри Николај Денков и Бојко Рашков да ги задржат своите досегашни позиции, додека министер за одбрана, според медиумските шпекулации, би бил преодниот премиер Стефан Јанев, кој од 12 мај на чело на двете преодни влади. На позицијата министер за раст и иновации треба да застане Даниел Лорер, а другото ќе отиде кај Социјалистичка партија и ќе биде предводено од лидерот во оставка на БСП, Корнелија Нинова, која ќе биде и вицепремиер.
Се очекува БСП да ги добие и министерствата за земјоделство, туризам и социјална политика. Партијата на Слави Трифинов – „Има таков народ“ би ги добила Министерството за надворешни работи на чело со Димитар Гардев, кој е поранешен дипломат и шеф на партискиот меѓународен секретаријат, како и за енергетика, спорт и регионален развој со кое ќе раководи поранешниот пратеник Гроздан Караџов. Партијата „Има таков народ“ досега се уште не дала согласност да има вицепремиер во новата бугарска Влада.
Билјана Ставрова
