Повеќе десетина лица „вооружени“ со мотки, безбол палки и чекани ги нападнаа демонстрантите на мостот во Шабац каде се протестираше против ново предложениот закон за експропријација во Србија. Локалните медиуми објавија снимки од насилствата со тврдење дека зад насилниците стои партијата СНС на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Претходно, протестите ја блокираа сообраќајницата на мостот, а полицијата го обезбедуваше настанот. На мостот пристигнаа десетици автомобили од партијата на Вучиќ, Српска напредна странка-СНС и се обидоа да поминат за да одат на партиски собир.
Но, протестите не попуштија ниту пред багерот кој го донесоа владеачките симпатизери.

Тогаш полицијата ненадејно се повлече и веднаш на мостот стигнале автомобили заедно со градоначалникот на Шабац, кој е од партијата на Вучиќ.
Автомобилите биле полни со млади и маскирани луѓе кои носеле мотки и палки, но и чекани со кои кршеле стакла на автомобили и трактори на демонстрантите кои мирно протестирале.
На снимките кои ги објави шабачкиот веб-медиум Подрински се гледа како насилниците ги тепаат граѓаните кои протестираат. На протестите имало и деца, а според сведоците тоа воопшто не ги спречило, како што велат, „батинашите на Вучиќ“ да тепаат.
Веб медиумот, веста ја објави под наслов „Крв падна во Шабац“.
Градот Шабац се наоѓа на 40-тина километри западно од Белград. Протести против законот за експропријација и за реферндум кои ќе погодат многу земјоделци, сопственици на земјиштеи земјоделски фирми, беа организирани на повеќе места низ Србија.
Во Белград полицијата не ги пропушташе демонстрантите на мостот Газела затоа што истовремено владечката СНС организираше партиско собрание во салата Арена.
Организаторите на протестите сметаат дека со усвоените закони се врши удар врз приватната сопственост на граѓаните, како и во корист на приватните компании, како што е фирмата Рио Тинто, која планира да отвори рудник за експлоатација на литиум во западниот дел на земјата. Властите пак за овој проект најавија референдум.
Со новиот закон се овозможува постапките поврзани со експропријација на земјиште и одземање на приватната сопственост поради проекти од јавен интерес, да се спроведуваат по итна постапка во рок од пет плус три дена.
Во продолжение видеото со насилството врз демонстрантите- со предупредување дека ТВ прилогот на ТВ Шабац содржи насилни сцени.
