Светската здравствена организација ја класификуваше новата мутација на Ковид-19 како загрижувачка варијанта. Новиот сој, кој за прв пат беше регистриран во Јужна Африка и СЗО го нарече Омикрон, има речиси 30 мутации на спајк-протеинот кој е клучен во пренесувањето на вирусот во клетките.
Кога добиваме вакцина, или имаме инфекција, нашето тело создава антитела кои се врзуваат на тој спајк-протеин, клучот, и кои ја стопираат неговата функција. Сега, се чини дека коронавирусот си создал нова верзија на спајк-протеинот собирајќи повеќе различни мутации. Тоа значи дека има нов клуч, и антителата кои ги имаме не можат да се врзат на тој клуч, вели д-р Сајмон Кларк, професор по молекуларна микробиологија на Универзитетот во Ридинг.
Случаи на Омикрон варијантата, покрај во Јужна Африка, веќе има регистрирано и во Боцвана, Белгија, Хонг Конг и Израел. СЗО и медицинските експерти предупредуваат да не се создава паника пред лабораториските анализи да дадат повеќе податоци за новиот вирус.
Не знаеме дали овие мутации предизвикуваат полесно заразување, не знаеме дали предизвикуваат посериозно заболување. Всушност, Јужноафриканците велат дека нема докази за тоа и велат дека забележале и асимптоматски случаи на заболени. Ќе бидат потребни повеќе недели за научниците во Јужна Африка и насекаде, да ги направат потребните лабораториски тестови, кои ќе ни кажат дали моментално одобрените вакцини се сѐ уште ефикасни, вели Марија Ченг од Асошиејтед Прес.
Повеќе лабораторатории ширум светот веќе започнаа со испитување на новата варијанта, додека расте загриженоста на светската јавност, ултра сензитивна на ковид вести по речиси двегодишна глобална пандемија, дека Омикрон варијантата може да биде полесно пренослива и ако не биде спречена, исто како и претходната Делта варијанта, за краток период ќе стане доминантна варијанта на Ковид-19.
Европската унија забрани патување до и од 7 африкански земји, а ограничувања на патувањата кон повеќе земји од африканскиот континент воведоа и САД, Јапонија и Израел. Експертите велат дека ваквите мерки на земјите нема да го спречат проширувањето на новиот вирус и кај нивната популација, особено што веќе има регистрирано неколку случаи надвор од африканскиот континент. Но, сепак, признаваат дека со ваквите ограничувања можат да добијат малку повеќе време, кое би го искористиле за подобро да се подготват за справувањето со новата варијанта.
Игор Трајков
