Само неколку денови откако владата воведе карантин за невакцинираните, Австрија, соочена со рекорден број позитивни случаи, одлучи да воведе целосен карантин во траење од 20 денови. Канцеларот Шаленберг порача дека не сакаат 5-ти бран и затоа, покрај карантин, воведуваат и задолжителна вакцинација.
Долго време имавме политички консензус дека не сакаме задолжителна вакцинација во земјата. Но, мораме да се соочиме со реалноста. Долго време, можеби предолго, јас и другите мислемве дека можеме да ги убедиме луѓето во Австрија, да ги убедиме доброволно да се вакцинираат, рече Шаланберг.
Рекордни 15.809 случаи беа регистрирани денеска а стапката на инциденца е исклучително висока и изнесува нешто над 990 случаи на 100.000 жители. Австрија има најнизок процент на вакцинирани во Западна Европа и токму поради тоа владата реши да преземе по одлучни чекори и да воведе задолжителна вакцинација.
Австрија е првата членка на унијата која воведува целосен карантин, но и останатите земји во кои 4-от бран ги полни болниците воведуваат слични мерки. Словачка и Германија, исто како и Австрија пред неколку денови, воведуваат ограничувања на движењето на невакцинираните, а делумен карантин се воведува во Холандија и Чешка. Построги мерки од утре стапуваат на сила и во Белгија, а Унгарија која регистрираше рекорден број новозаболени одлучи да воведе задолжителна трета доза за медицинските работници.
Во Грција, каде од почетокот на месецот драстично се зголеми бројот на позитивни случаи, премиерот Мицотакис објави дека третата доза станува задолжителна за влез во јавни затворени простории.
Русија во моментов е најтешко погодената европска земја и веќе трет ден по ред бројот на починати достигнува нов рекорд, а вкупниот број на починати од Ковид-19 во земјата е најголем во Европа. Од сите останати европски земји, само Обединетото Кралство има повеќе вкупно заболени од Русија, од почетокот на пандемијата.
Игор Трајков
